„Егзит 2025“
Веќе неколку години присуствувам на „Егзит“, и тоа како акредитиран новинар и фотограф. И како таков, донекаде сум запознаен со тековните случувања околу него. На почетокот на јуни 2025 година сѐ уште не се знаеше дали ќе се одржи, поради тековните политички случувања, но и поради финансиите што спонзорите, и тоа оние главните, големите ги откажаа. Најавите и логистиката за неговото одржување почнаа една година претходно за да може сите работи да легнат на едно место, сепак зборуваме за еден од најквалитетните светски фестивали. И легнаа како што треба, дури и повеќе, целата екипа што го организираше даде сѐ од себе да не се почувствува дека нешто фали. Имаше некои мали проблеми (многу малку прес-конференции, малку новинарски екипи…), но сето тоа се решаваше во од. Листата на изведувачи богата, баш богата, со вкус направена, вклучувајќи стари и млади ѕвезди, ѕвезди во подем, ѕвезди што полека се гаснат, значи за секого по нешто. Многу бини поставени на Петроварадинската тврдина. Каква спротивност, горе на Петроварадин врева, метеж, над 50.000 (или севкупно над 200.000) посетители секојдневно за време на „Егзит“, а само неколку метри подолу тече мирниот и тивок Дунав, носејќи парчиња историја насекаде по својот тек, веројатно впивајќи онака тивко и дел годинашната атмосфера. Научниците велат дека водата памети, и тие молекули и атоми можат да ја раскажат историјата најточно, за еден ден, кога ќе го дешифрираме јазикот на водата, многу генерации да знаат што сѐ се случувало. А она што се случи е историја, не за џабе е јубилеен 25. пат. Четири неповторливи денови, 10-13 јули, реки и реки народ, како никогаш претходно. Сѐ беше полно, имаше моменти кога немаше каде да застанеш, особено кога на главната бина („Никола Тесла“) беа „Продиџи“, диџеј Снејк, „Секс пистолс“, „Бумтаун Ретс“, „Хуртс“, „Гоблини“, „Атеист рап“, диџеј Тиесто, кога на бината „Виза фусион“ беа „Партибрејкерс“, „Пекиншка патка“, Коби, Никола Вранковиќ, Канда Конџа и Небојша, кога на „Денс арената“ беа Ерик Придз, Нина Кравиц, Индира Паганото, Јусуке Јукиматсу, Хот синс 82, Амели Ленс… и уште десетина други преполни простори околу бините. За првпат препродавачите на карти што стоeја околу мостот бараа да купат карти од посетителите, за да ги препродадат, затоа што сите беа распродадени. И повторно тука беа заштитниците на природата, луѓето што ги собираа лименките и пластичните шишиња. За пет собрани парчиња добиваш еден пијалак бесплатно. Бутките за јадење беа настрана, така што воопшто не пречеа, а и сигурноста и безбедноста беа одлични. Веројатно беа разработени сите типови на ризици. Значи, секоја чест на организаторот, особено на службата што го покриваше пресот, и на сите оние што помогнаа сето тоа да се изведе толку беспрекорно. Нема да одам од изведувач до изведувач, туку само ќе ги искрастилизирам, според мене, поважните изведувачи.
„Бумтаун Ретс“, предводени од сер Боб Гелдоф (Band Aid, Live Aid..), беа едни од главните ѕвезди. Боб, според она што го видов и слушнав, неочекувано добро се однесуваше на сцената, владееше јако, рипаше, се вртеше, пееше како момче, а не како 73–годишен човек. И во сето тоа имаше и политика, која публиката сесрдно ја прифати. Уште едно екстра големо име од 1970-тите што ме изненади со својот настап, иако има издадено само еден албум. Не дојдоа со оригиналниот пејач туку со млад пејач по име Френк, а групата се вика „Секс пистолс“, родоначалниците на островскиот панк. За нив подготвувам посебна приказна, која ќе ја објавиме наскоро. Предгрупа им беа „Гоблини“, кои отсвиреа и отпеаја заедно со публиката, феноменално. Не верував дека „Продиџи“ ќе направат таков концерт, но сосема ме вчудовидоа. Енергија, енергија, ефекти со звуци, слики и осветлување. Навистина се потрудија, а публиката (ова беше најпосетен концерт) фантастично им одговори. Одличен настап и на новосадските миленици „Атеист рап“. На сцената „Виза“ настапија претежно балкански групи, поточно од просторите на некогашната СФРЈ. И ете ти ги сѐ уште активните „Партибрејкерси“, во нивниот препознатлив суров стил, правејќи права музичка гозба. Никола Вранковиќ во неговиот мрачен стил нѐ водеше низ некоја мистична прошетка во просторот. „Пекиншка патка“ (верзијата без Професор Чонта) отсвирен културно и кратко. Реге/даб-сцената изобилуваше со посетители со раста фризури, а на сцената се менуваа еден куп изведувачи. Експлозив-сцената беше резервирана за секој тип на метал и панк-звукот, иако имаше и групи со благи облици на гранџ. Денс-арената како по обичај заживуваше по 23 часот. А таму една огромна, навистина огромна бина украсена како новогодишна елка со многу екрани (минатата година имаше барем трипати повеќе екрани, најмалку 150 огромни екрани). А народ, народ, народ, колку многу млад, убав, здрав народ, кои играа еден до друг, еден пред друг, еден над друг на огромниот простор на Денс-арената. Имаше и тажни моменти, како кога им се оддаваше почит на жртвите од падот на натстрешницата, и тоа на главната сцена, колку жртви толку минути тишина, создавајќи некое посебно тешко, траурно чувство.
И тоа е тоа отприлика, заврши „Егзит 2025“, прекрасен и единствен во својата идеја за заедништво, солидарност, борба за исправување на неправдата, љубов. И сега се прашуваме што в година. Додека бев таму го најавија Египет за 2026 г., јас пробував со одредени луѓе од оргaнизацијата да договорам да дојдат во Македонија, каде било. Инаку, „Егзит“ е присутен неколку години во Македонија, и тоа во Струмица. Некаде на крајот на август, почетокот на септември се одржува еднодневен фестивал под брендот „Егзит“ и таму свират групи што свиреле на новосадскиот оригинален „Егзит“. Во минатите години во струмичката испостава на „Егзит“ свиреле меѓу другите и: „Бајага и инструктори“, Џек Џонес, Бејби Лазања, Џон Њуман, Констракта, Ван Гог, Џамбо Агушеви, Дебора де Лука, Сенидах… – значи една солидна плејада на изведувачи. Црногорскиот фестивал „Си денс“, хрватскиот фестивал „Си стар“, бугарскиот фестивал „Санленд“ се исто така дел од фамилијата „Егзит“. Наредната година, според нивните најави, „Егзит 2026“ ќе прави светска турнеја на неколку локации во светот, меѓу кои ќе биде и Египет, но исто така и други градови на различни места на Земјината топка, можно е и Скопје да биде дел од тој феномен „Егзит“. Значи „Егзит“ не престанува да работи, тој само се шири насекаде низ светот, неоптоварен, свој, единствен, прекрасен, без никакви граници. Како беше она: „И по ’Егзит’, повторно ’Егзит’“.
Текст и фото: Љупчо Давчев