По американската верзија на „Евровизија“, сега и нивните соседи од Канада ќе организираат сличен фестивал, со што евровизиското семејство станува сѐ поголемо. Десетте покраини и три територии на Канада ќе се натпреваруваат во оваа уникатна канадска верзија на изборот за песна на „Евровизија“.
Телевизијата Аут ја емитуваше „Евровизија“ во Канада во 2014 и 2015 година (со задоцнување), што беше првпат натпреварот да се емитува таму по децении. Фестивалот, исто така, се емитуваше на телевизијата Омни во Канада без коментатор во 2019 и 2021 година, но ЕБУ засега не даде информација кој ќе биде емитер на новото натпреварување.
Извршниот супервизор на „Евровизија“, Мартин Остердал, имаше само убави зборови за приклучувањето на Канада кон евровизиското семејство.
-Уникатното наследство на изборот за песна на „Евровизија“ датира од пред 67 години и неговата светска популарност продолжува да расте. Време е Канада да се приклучи на забавата и да стане играч на овој светски спектакл. Љубовта кон музиката е универзална и славењето на различните жанрови и стилови на музиката ги надминува границите, обединувајќи ги луѓето на начин на кој не може ниедна друга уметничка форма. Возбудени сме што ги најдовме најдобрите партнери за да им понудиме друга верзија на овој радосен феномен на новите обожаватели и да го споделиме овој извонреден натпревар со канадскиот народ – изјави Остердал.
Многу евровизиски обожаватели не знаат дека освен учеството на Селин Дион, Канаѓаните учествуваа на „Евровизија“ во минатото, но и неодамна во Тел Авив, Израел. Канадски артисти што се натпреварувале на „Евровизија“, но пееле за други држави и биле доста успешни се: Шерис Лоренс во 1986 г., кога настапи за Луксембург, со песната „L’amour de ma vie“, и го освои третото место; Селин Дион во 1988-та ја претставуваше Швајцарија со „Ne partez pas sans moi“ и победи; Ени Котон во 1993-та исто така пееше за Швајцарија, кога ја исполни песната „Moi, tout simplement“ и го освои третото место; Наташа Сент Пјер во 2001 г. ја претставуваше Франција со „Je n’ai que mon âme“ и беше четврта; а во 2016 година пејачката Рика ја исполни „The Last Of Our Kind“, претставувајќи ја Швајцарија и на крајот беше 18-та; додека во 2019 година Катерина Дуска настапи за Грција со „Better Love“ и заврши на 21-то место.