Знаменитостите на Македонија
Црквата „Св. Димитриј“ – значајно наследство од
македонскиот преродбенички период
Црквата „Св. Димитриј“ му е посветена на Свети великомаченик Димитриј Солунски, а изградена е во 1830 година. Градена е во форма на трибродна базилика, со странични галерии. Целиот иконостас е изработен во позлатена резба од вештите раце на засега непозната резбарска тајфа, но сигурно составена од македонски мајстори. Во 2005 година, конзерваторите од Битолскиот завод и музеј и од Заводот за заштита на спомениците на културата откриле дотогаш непозната фреска со претстава на Исус Седржител. Фреската е на централниот дел од сводот на црквата, кој повеќе од еден век бил покриен со црнила од горењето на свеќи, така што долго време вредните историски уникати биле непознати. Црквата „Св. Димитриј“ е значајно културно и историско наследство од македонскиот преродбенички период.
Куќата на Чока – сведоштва за богатото архитектонско минато
Куќата на Чока е значајна архитектонска знаменитост на градот Битола. Куќата се наоѓа во старото битолско градско јадро, во близината на Битолската митрополија. Изградена е во втората половина на 19 век, а во нејзината архитектура се видливи барокни влијанија, особено во дизајнот на фасадните волумени и во примената на фасадната декорација. Покрај барокното влијание, може да се забележат и специфични волутни елементи, во кои се вметнати елипсовидни прозорци, кои ја формираат завршната површина на покривот. Според познавачите, овој елемент потсетува на италијанската ренесанса и ја нагласува припадноста на куќата на средоземниот стил, но е присутен и во доцните поствизантиски влијанија во развојот на црковната архитектура во 19 век на Балканскиот Полуостров. Куќата е сведоштва за богатото архитектонско минато на градот Битола.
Амамот „Дебој“ – ориентално наследство од 15 век
Чифте-амамот „Дебој“ се наоѓал во рамките на старата битолска чаршија, но денес, по уништувањето на голем дел од чаршијата, се наоѓа на самата нејзина граница. Истражувачите велат дека објекти што во минатото биле во непосредна близина на „Дебој“, како што се џамијата „Ајдар-кади“, урнатата џамија „Сунгур Чауш-бег“ и ановите на познатиот Овчи пазар, укажуваат дека токму со некои од нив била образувана урбанистички функционална целина: џамија – амам – ан, типична за ориенталните градски средини, за задоволување на хигиенските, верските и потребите за сместување првенствено на посетителите на градот, но и на месното население што живеело во блиските маала што граничеле со чаршијата. Според османлиските извори, поточно во Битолските кадиски сиџили, почнувајќи од 15 век, па до 1912 година се појавуваат имињата на десетина амами, чии локации во најголем број не се познати.
Не постојат прецизни податоци ниту за ктиторот ниту за годината на изградбата на овој претставителен објект, монументалноста на градбата, ѕидаријата и пребогатиот украс од сталактити, декорацијата штуко по ѕидовите и многубројните ѕвездички на куполите, архитектонските одлики на објектот согледани со метод на компарација со точно датирани амами од крајот на 15-16 век укажуваат дека станува збор за објект што му припаѓа на златниот век на османлиската архитектура. Амамот, како и сите монументални објекти во наведениот период, бил граден во алтернација на камени квадри и тули со спојници на хидрауличен малтер, кој бил користен и за малтерисување на ентериерот, што е сосема оправдано со оглед на функцијата на објектот и можноста од оштетувања предизвикани од влага.
Организацијата на просторот во овој двоен (чифте) амам е следна: женскиот дел, кој е поголем по димензии, побогато украсен и одвоен со ѕид од машкиот, се состои од шадрван (голема поткуполна просторија со квадратна форма, со шестстрана лантерна во центарот на куполата и шадрван под неа – наменет за гардероба), потоа капалук (наменет за одмор), мејдан (наменет за масажа) и две помали простории, лево и десно од мејданот траш хани (наменети за депилација), по што следуваат простории што му припаѓаат на халветот (наменети за бањање). Машкиот дел се состои само од шадрван (решен на ист начин како и кај женскиот дел), капалук и халвет, кои се помали по димензија. Неопходниот мобилијар – маси за масажа – губек таш, курни и сл., не е зачуван.
Денес недостигаат и деловите хазна (водосклад) и ќулхан (ложиште), кои секогаш се заеднички за двата дела, кои биле констатирани во текот на истражувачките работи во 1967 година, при реставрацијата и конзервацијата на амамот. Инаку, загревањето на амамот се обезбедувало по принципот на хипокаусти, односно со струење на топол воздух меѓу подовите и ѕидовите. Богатиот украс на тромпите, како и фризовите од флорални и геометриски орнаменти на ѕидовите, е од типот на плиток релјеф и е изведен во штуко. Сите простории се засводени со: куполи носени од тромпи, полуобличести или огледаласти сводови со ѕвездести отвори што овозможуваат осветлување на ентериерот. Пред конзервацијата, амамот имал покрив од турски ќерамиди, а денес е од поцинкован лим, што придонесе разиграната петта фасада да дојде до полн израз.
Битолскиот чинар – еден од најстарите на Балканскиот Полуостров
Битолскиот чинар е најголемото и едно од најстарите дрвја во Битола и на Балканскиот Полуостров. Се наоѓа на улицата Димитар Влахов на битолскиот Баир, недалеку до Ќеримбеговиот амам и ОУ „Ѓорѓи Сугарев“. Се верува дека пред 560 години го посадила затвореничка во битолскиот турски женски затвор. Инаку Чинарот (лат: Platanus orientalis) е дрво што може да достигне висина до 40 метри, со дебелина на стеблото до 3 метри. Цвета во април и неговите цутови се собрани во соцутија, наредени околу оски во машки и женски. По цутењето, машките соцутија се сушат и паѓаат, а женските се развиваат во топчести плодови, кои узреваат наесен.
Саат-кулата – една од најпознатите знаменитости
Саат-кулата е една од најпознатите знаменитости на градот Битола. Не се знае точно кога е изградена, иако постојат пишани извори од 16 век што споменуваат саат-кула, но не е утврдено со сигурност дали станува збор за истата градба. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата „Св. Димитрија Солунски“, односно во 1830 година. Саат-кулата за многумина претстава еден од најважните симболи на градот Битола. Сместена е во Градскиот парк, во срцето на Битола, на просторот помеѓу црквата „Св. Димитрија“ и Јени-џамијата, на некогашниот „Пекмез-пазар“. Во историските записи за Битола, саат-кулата се спомнува уште во 1664 година, но не може со сигурност да се каже дали станува збор за денешната саат-кула. Д.Ст.