Фото: Jasumbe

Занимливости

Селото Градец, кое се наоѓа во областа Славиште, во околината на градот Крива Паланка, има особено интересно историско и културно минато. На висок карпест рид во најсеверниот дел на селото се наоѓа римска населба, позната како Градиште, а со споменатото село се поврзува и испосничката пештера на светецот Јоаким Осоговски. Се верува дека во 9 век на просторот на Градец престојувал споменатиот светец во испосништво во една пештера (испосница), пред да стане ктитор на манастирот што го носи неговото име. Пештерата се наоѓа во ридовите над црквата „Свети Никола“ во селото Градец. Споменатата црква била изградена во 1857 година и претставува особено значајно обележје на македонската преродба од 19 век

Селото се наоѓа во областа Славиште, недалеку во западен правец од самиот град Крива Паланка, на оддалеченост од околу 4,4 километри. Градец е ридско и од раштркан тип село, чии маала се наоѓаат на надморска височина од 680 до 1.000 метри. Се протега на пространо нерамно земјиште, главно во сливот на малата Градечка Река, десна притока на Крива Река. Околни села се Лозаново на исток, Осиче на североисток и Габар и Т’лминци на запад.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Оров Рид, Градиште, Слепча Чука, Градечка Река, Пушкарски Рид, Солиште, Милева Нива, Могилица или Собориште, Милевски Чуки, Петровска Чука и други. Градец има особен разбиен тип. Се дели на Долен и Горен Градец. Многу од самите маала се поделени на помали групи на куќи, кои една од друга се доста издвоени.
Во горниот северен дел на селото се издигнува височинката Градиште, на која се верува дека постоела тврдина, веројатно од римско време. Во југозападниот дел на селото се сретнуваат месностите Селиште или Подградиште. Кај Селиште се сретнуваат старини, како ѕидови од некогашни куќи, стари гробови, големи врчви, грниња, воденички камења и слично. Сепак, не се спроведени сериозни археолошки истражувања во областа.

Повеќе истражувачи наведуваат дека во средновековниот период, главно средиште на областа било селото Градец. Од житието на Свети Јоаким Осоговски, кој живеел крајот на 11 и почетокот на 12 век, може да се дознае дека во селото имало жупан. Се верува дека маалата Милевци, Петковци и Крстовци биле основани од тројца браќа.
Денешното село Градец е населено од македонски родови, доселени главно во 18 век. Се верува дека најстари се родовите што живеат во Горен Градец, а нешто подоцна се населиле и родовите во Долен Градец. Во 19 век, Градец било село во Кривопаланечката каза на Османлиското Царство.

Според податоците на Васил К’нчов објавени во „Македонија. Етнографија и статистика“, 1900 година, во Градец имало 1.330 жители, од кои 1.290 Македонци и 40 Роми. Според податоците на бугарскиот егзархиски секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Градец имало 1.120 жители.

По Првата светска војна селото било средиште на истоимената општина и имало 1.130 жители. Од селото се иселил значителен дел на населението, но населеноста е уште добра. Во 1961 година имало 1.356 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 422 жители, македонско население. Градец е македонско село, населено со македонски родови, кои се доселиле во 18 век. Ниеден род не знае од каде е доселен.
Според истражувањата од 1973 година, родови во селото се: Горен Градец: Пушкарци (28 к.), Милевци (24 к.), Петковци (23 к.) и Крстевци (21 к.). Долен Градец: Грујевци (26 к.), Мазници (21 к.) и Кукајци (21 к.).

Фото: Robssmk

Според истражувањата, пак, на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се: Староседелци: Грујинци (7 к.), Вучковци (6 к.), Цветановци со Спасевци (2 к.), Ѓоргинци (2 к.), Бошковци (3 к.), Спасевци (2 к.), Воденичарци (1 к.), Баба Спасинци (2 к.), Алексинци (1 к.), Баба Станини (1 к.), Шарковци (1 к.), Пешинци (2 к.), Мендис или Симоновци (1 к.), Величковци (3 к.), Аврамци (1 к.), Стоилковци (1 к.), Коза или Павловци (1 к.), Милудиновци (2 к.), Беговци (1 к.), Пискинци (3 к.), Величковци втори (1 к.), Протогерци (1 к.), Качарци (2 к.), Куларци (3 к.), Камиљаци (2 к.), Коритарци (5 к.), Марковци (1 к.), Цветановци втори (2 к.), Ристовци (4 к.), Наставинци (1 к.), Пандаци (3 к.), Ѓошинци (4 к.), Симоновци (2 к.), Јаковци (3 к.), Ѓошинци Втори (1 к.), Павловци (2 к.), Стаменковци (1 к.), Мечкарци (3 к.), Дунковци или Митовци (4 к.), Казалбашовци (2 к.), Огорелци (1 к.), Вучевци (2 к.), Гаџарци (2 к.), Карадаци (4 к.), Грци (4 к.), Булутарци (1 к.), Милевци или Цупарци (22 к.), Петковци (8 к.), Дедомарковци (7 к.), Самарџијци (4 к.), Величковци трети (2 к.), Саизовци (1 к.), Орозанци (1 к.), Шобанци (1 к.), Шијаци (2 к.), Коларци (1 к.), Мачиште (1 к.), Шољковци (2 к.), Ѓоргинци втори (1 к.), Пешинци втори (4 к.), Кордевци (5 к.) и Банговци (1 к.).

Доселеници: Гољовци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Подржи Коњ, и Бучкинци (2 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Конопница.

Фото: Кирил Симеоновски

Црква „Св. Никола“

Црквата „Св. Никола“ е изградена во 1857 година. Таа е голема еднокорабна градба со отворен трем од западната и делумно од јужната страна. Од јужната страна во источен правец е доизградена затворена трпезарија. Се верува дека во црквата се наоѓале „одаи“ за секое од маалата на селото, но и за селаните од соседните села Габар, Огут и Метежево.

Црквата била целосно живописана и зачувани се дел од фреските, меѓу која најзначајна е „Симнување од крстот“. Нивен автор е Ѓорѓи Јереј. Резбаниот иконостас, иконите на него и резбаните царски двери со позлата се дело на мијачкиот мајстор Евгениј Поп Кузманов, кој ги изработил во 1869 година. Поп Кузманов ги изработил и иконостасот, иконите на него и резбаните царски двери со позлата за црквата.

Д.Ст.