Годинашниот септември бил трет најтопол септември што е измерен на Земјата, според податоците од европската опсерваторија „Коперникус“. Како и јули и август, септември бил трет најтопол септември, што не е далеку од рекордот од 2023 година и вториот најтопол септември во 2024 година, соопшти „Коперникус“.
Септември со просечна температура од 16,11 Целзиусови степени бил за 1,47 степен потопол од прединдустрискиот период (1850-1900).
– Светскиот температурен контекст останува ист, со постојано високи температури на копното и на морската површина, што го одразува продолженото влијание на акумулираните стакленички гасови во атмосферата – рече Саманта Бургес, стратег за климатски прашања при „Коперникус“.
Највисоките температури, според податоците од 1940 година, погодиле делови од Европа, северните земји и Источна Европа, од Балтикот до Балканот. Надвор од Европа, температурите биле повисоки од просечните во Канада, во делови од Гренланд, на крајниот северозапад на Сибир и во околните крајбрежни подрачја, како и во големи делови од Антарктикот.
Што се однесува до врнежите, особено обилни дождови паднале во многу делови од Европа – во Скандинавија, Италија, Хрватска, Шпанија и на источниот брег на Црно Море. За разлика од земјите на американскиот континент (Канада, САД, Мексико, Бразил и Уругвај), азискиот дел на Русија и северот на индискиот потконтинент во септември биле посуви од вообичаено.


































