Мојот живот и го посветив на музиката, но не жалам, а особено не по саботниот концерт на кој им пеев на моите неготинчани. Поминав многу за време на 32- годишната активност на македонската естрада, патував низ земјата и по светот, учествував и победував на фестиавали, одев на турнеи. И од секаде земав по нешто, спомени што сѐ уште живеат и имав можност да им ги раскажам на моите сограѓани, кои дојдоа во голем број да се дружиме со песни и спомени, вели македонскиот пејач Ѓоко Ѓорчев, кој сѐ уште ги средува впечатоците од овој настан, за кој вели дека е нешто најубаво што му се случило во животот и во кариерата.
Под слоганот „Неготино за својата легенда и Ѓоко Ѓорчев за својот град“, во саботата во 19 часот почна неговиот концерт во Старата чаршија на родното Неготино.
И музичката приказна, македонскиот Том Џонс, кој како и неговиот идол, иако е во седмата деценија, решен е и понатаму да пее и да настапува, ја отвори со песната „Help Me Make It Through the Night“ од репертоарот на Крис Кристоферсон, со која ги започнува сите свои концерти. Потоа ја слушнавме „Уште еден ден Марија“ од Мишо Ковач, со која победи на музичкиот натпревар „Најдобар глас“ во 1970 година. Следеше изведбата на евергринот „Долината на нашето детство“, па баладата на Сашо Георгиев – „Засекогаш“, по што одекнаа акордите на „Yesterday“, омилената песна на Ѓорчев. Вечерта ја збогатија и изведбите на „Spanish eyes“, големиот евергин на Карузо, неколку оперски арии, а потоа полетавме со „ Una paloma blanka“. И неговите хитови одекнаа во таа пријатна октомвриска вечер во прекрасниот амбиент на Старата неготинска чаршија, меѓу кои беа макфестовската „Моја златокоса“, а оние малку постарите во публиката со задоволство со Ѓоко ја потпевнуваа „Једна мала плава“, голем хит на групата „Про арте“, и на крајот победничката на „Макфест“ – „За еден ден молам“ и „Послендиот танц“, што ја отпеа за едно со Катерина Танева.
Вечерта полна со емоции и спомени ја збогатија и другите гости: Кате и членовите на групата „Соната“, Перо Христов, „Трио џентлмен“ и Трифун Костовски.
– Особено се радувам што концертот се случи на ова место, кое за мене и моите неготинчани чува во себе многу боемски приказни, многу историја и емоции, и со еден збор тоа е душата на градот. Овие два дена по прекрасниот настан се чувствувам прекрасно, благодарен сум им на сите што дојдоа, а пред сѐ на моите пријатели кои ми помогнаа да го релаизирам овој концерт. Трогнат сум од честитките, од комплиментите и убавите зборви што ги добив од моите сограѓани, кои велат: „Не сме знаеле какво богатство имаме во Неготино, уживавме во твојот глас, на кој годините не му можат ништо, напротив“. Спонтано се роди идејата секој мај да одржувам концерт во чаршијата и се надевам дека тоа и ќе се случи – ни рече видно возбуден и среќен Ѓоко Ѓорчев.
М.Т.