Фото: Пиксабеј

Колку часа спиете? Колку часа спијат вашите деца? Како се чувствувате кога ќе се разбудите? Дали го започнувате работниот ден свежи? Одговорите на овие прашања укажуваат на тивка и скриена епидемија во современото општество или т.н. епидемија на несоница.
Човечкиот организам има свој биоритам, на кој не можеме да влијаеме, а кој е координиран со времето на денот и ноќта. Доволното количество сон е биолошка потреба, многу важна за физичкото и менталното здравје, како и за доброто ментално функционирање. Луѓето што се лишени од сон се будат полни со енергија и виталност, а нивните интелектуални функции се оптимални.
Поради различни обврски, ја продолжуваме будноста така што го скратуваме времето на спиење, верувајќи дека можеме добро да се навикнеме на „скратениот“ сон. Едно истражување покажа дека постои голема разлика помеѓу тоа како се чувствуваат луѓето лишени од сон и колкави се нивните објективни способности. Откако возрасните волонтери спиеле шест часа во текот на две недели, пријавиле дека се чувствуваат подобро, но тестовите за нивните ментални способности покажале голем пад, што се совпаѓа со резултатите на лице што не спиело 24 часа.
Доволното време на спиење е од клучно значење за децата и за младите. Нивниот мозок е во процес на развој, а доволно сон е исклучително важно, но честопати потценувано, за оптимален развој. Истражувањата во Америка покажаа дека времето на спиење на младата генерација во периодот 1980-2010 г. е намалено за еден час. Можеме да претпоставиме дека овој тренд на намалување на периодите на спиење продолжува и во дополнителните десет години.
Што покажало истражувањето кога станува збор за овој час на спиење што им недостига на децата и на младите? Накратко: пад на виталната енергија, сонливост и незаинтересираност; нарушувања на вниманието и хиперактивност; полоша меморија и учење, пониска интелигенција, а со тоа и полоши оценки на училиште; дебелина; тенденција на младите возачи да предизвикуваат сообраќајни незгоди. Со други зборови, многу висока цена, што го прави проблемот со несоницата многу важен. Спротивно на важноста на проблемот со несоницата, родителите често не гледаат проблем во тоа што нивниот средношколец спие само шест и пол часа наместо очекуваните осум часа.
Спиењето е многу важно за консолидација на меморијата. За време на спиењето, она што е научено во текот на денот оди во трајна меморија преку воспоставување нови врски помеѓу мозочните клетки. Со недостиг од сон, тој процес се нарушува, а послабата меморија се рефлектира со послабо учење нови работи. Покрај тоа, за разлика од негативните содржини, позитивната содржина се памети многу полошо. Во ситуација кога има сѐ повеќе материјал и информации што младите треба да ги научат и сè пократок период на спиење, во кој наученото треба да се „консолидира“ во меморијата, резултатите од учењето не можат да бидат добри. Некои студии покажаа дека дополнителен час сон значително ги подобрил резултатите, на пример, на тестовите по математика, додека јазичните резултати биле уште подобри.