Во Прилеп и на Рудина, Долнени, се одржува 50. јубилеен фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. По повод големиот јубилеј на фестивалот, во центарот на Прилеп продефилираа 50 гајдаџии од сите краишта на Македонија. а настапи и ансамблот „Танец“.
Деновиве започна и семинар за изучување на народните инструменти и песни. Годинава народните инструменти ги изучуваат 12 млади вљубеници во изворниот мелос, а предавачи на семинарот се Родна Величковска, која е и уметничка директорка на фестивалот, Горанчо Ангелов, Стојанче Костов и Горан Василески. Семинарот се одржува по 13-ти пат и досега учествувале над 130 млади од земјава и странство, кои го изучувале изворниот мелос.
Во рамките на фестивалот ќе се одржи и симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“, а ќе се издаде и зборник со научни трудови од истражувањата на еминентни етномузиколози и етнокореолози за богатото фолклорно наследство. Во чест на јубилејот е промовирана и монографијата „50 години фестивал на народни инструменти и песни ’Пеце Атанасовски’ – Непресушен извор, за навек“ од новинарката Елизабета Митреска.
– Фестивалот, од некогашните смотри, прерасна во национална манифестација, која пет децении успешно го чува, го негува и им го пренесува на новите генерации богатото фолклорно наследство. Фестивалот го носи името на идејниот творец, големиот гајдаџија и светски промотор на фолклорното наследство Пеце Атанасовски. Во петте децении на фестивалот учествувале над 15.000 изведувачи на народни инструменти и песни од Македонија и од странство – изјави Горан Василески, претседател на фестивалот.
Годинава на фестивалот учествуваат околу 250 изведувачи. Ка.М.