Во централниот општински парк на Ѓорче Петров од денеска до 13 септември ќе се одржи првото урбано издание на „Еволуција на сонот“. Фестивалот носи динамична и современа програма наменета за сите генерации, со акцент на урбаната култура и на меѓународната и локалната уметничка сцена, како и благородна културна продукција со многу музика, перформанси и невообичаена форма на изразување.
Фестивалот има корени од 2016 година, кога старата куќа на Рузвелтова 44а беше претворена во уметнички простор пред нејзиното уривање. Деветте соби на дебармаалската куќа беа насликани со мурали од реномирани уметници, придружени со концерти и перформанси, оставајќи магично искуство за посетителите. Подоцна проектот продолжи во Кинотеката на Македонија со музичко-визуелни настапи и изложби. Ова е негово трето издание, но прво во форма на урбан фестивал што ќе продолжи да расте и да се надградува во наредните години, информираат организаторите.
Годинава програмата на фестивалот ќе започне во 20 часот, во соработка со уметничкото движење „Паломарт“ од Неапол.
На фестивалот ќе настапат уметници и музичари од Португалија, Бразил и Италија, со аудиовизуелни перформанси во живо, концерти, диџеј-сетови, уметнички инсталации и мурална уметност.
Следниот ден е посветен на слободата на изразувањето преку музика, танц и визуелна уметност. Ќе има перкусионистичка работилница со бразилски уметник, графити-перформанси во живо и диџеј-сетови на Оки Доки, Дабл Џ, Аце КН и други. Атмосферата ќе биде збогатена со урбани активности и спортски натпревари.
Завршниот ден ќе донесе концерти на Џун и Пијан Славеј, кои ќе ја пренесат свежината на еден нов музичко-поетски формат што носи поинаков звук на македонската сцена.
– „Еволуција на сонот 2025“ претставува урбано, музичко и уметничко доживување, кое ги обединува различните култури и генерации, создавајќи платформа за дијалог, инспирација и заедништво. Се надеваме дека фестивалот ќе ја добие поддршката на јавноста и ќе се вброи меѓу значајните културни настани во Скопје – велат организаторите.