Најголемиот патнички авион во светот беше искористен за тестирање одржливи горива за авиони. Станува збор за авионот „ербас А380“, кој леташе со гориво направено од искористено масло за јадење. Компанијата „Ербас“ го направи првиот лет на својот „А380“ користејќи 100 проценти обновливо млазно гориво (SAF), кое главно се добива од масло за јадење и други отпадни масти.
„А380“, наречен МСН 1 „натанкан“, полета од аеродромот „Блањак“ во Тулуз, Франција, на 25 март и помина три часа во лет. Неговиот мотор „ролс ројс трент 900“ користеше одржливо гориво. Вториот лет беше изведен на 29 март, за тестирање на полетување и слетување, со употреба на одржливи горива. Ова беше трет тип авион на „Ербас“ што леташе со 100 проценти САФ за една година, но и убедливо најголем.
САФ покажа голем потенцијал за намалување на емисиите во воздухопловната индустрија, која сочинува околу 2 отсто од вкупните глобални емисии годишно. Други компании, вклучувајќи ја и „Ролс ројс“, исто така спроведуваат тестови со намера нивните мотори да користат одржливо гориво во иднина.
Сите авиони на „Ербас“ веќе имаат сертификат за користење 50 проценти од САФ измешани со керозин, но целта на компанијата е да направи чекор напред и да добие сертификат за користење исклучиво обновливо млазно гориво до 2030 година.
Во „Ербас“ сметаат дека САФ е клучниот начин да се постигнат нула емисии на јаглерод во воздушниот сообраќај до 2050 година.
Во 2019 година, „Ербас“ објави прекин на производството на „А380“, најголемиот авион во светот, поради малата побарувачка и високите трошоци за производство. Многу од постојните авиони сè уште се во функција, но компанијата ги смета за идеални за тестирање одржливи технологии поради нивната пространа внатрешност. На пример, во февруари, „Ербас“ објави дека има намера да го опреми „А380“ со водородни мотори и да ги тестира во 2026 година.