Познат под уметничкото име Елвис Костело, Деклин Патрик Мекменус важи за едно од најголемите имиња на англиската музичка сцена, израснувајќи низ панк-движењето во 1977 г., но не како негов дел туку како музичар што случајно творел во тој период. За кратко време панкот пропаѓа и сето она што немаше верба изгоре, но не и Костело. Напротив, тој созреа, а доказ за тоа е дека првите три негови албуми, „Almost Blue“, „Imperial Bedroom“ и „Punch the Clock“ (сите создадени во периодот 1980 – 1983 г.), влегуваат меѓу најдобрите 500 албуми на сите времиња.
Музиката на Костело се менува како што течат годините и од тој почетен паб-рок, преку постпанк, њувејв, арт-рок…, навлегува и во џез-водите, и тоа најмногу благодарение на Дајана Крал, која му е и венчана жена. Посебен дел се неговите текстови, кои се мали ремек-дела, каде што набљудува што се случува околу него и тоа го опејува претежно критикувајќи ги сите работи што според него треба да се критикуваат. Во еден дел од кариерата низ неговите текстови се чувствува бес, протест против многу нешта, но најмногу против британскиот фашистички водач Освалд Мозли, потоа против Маргарет Тачер, но и она што се случуваше во Северна Ирска, за што сведочи и неговиот најголем хит „Оliver’s Army“. Она што го издвои од групата на другите автори е песната „Shipbuilding“, издадена на неговиот трет албум од 1983 г. Поводот за пишување на текстот е кризата околу Фолкландските Острови, која особено ги погоди Аргентина, Британија, Шпанија, но и сите европски земји.
Таа криза му даде идеја на Костело да ја напише песната, но не од аспект на триумфализам и величење на неговата Британија, туку од аспект на обичниот човек. Британските бродоградилишта беа во стагнација (всушност целата економска слика на Британија беше многу лоша), немаше работа и дојде до бркање на вработените. Како што почна војната, воената индустрија почна да се размавтува, а со тоа и бродоградилиштата, чии работници се враќаа на работа. Крајната идеја на Костело во песната е да покаже дека британската влада гради бродови со кои синовите на тие што ги градат бродовите ќе одат да се борат, да гинат, дека бродоградителите ќе бидат среќни затоа што имаат работа, но сето тоа е на сметка на нивните синови, кои мора да одат во таа, според многумина, бесмислена војна. Костело е особено горд на овој текст, каде што преку разни метафори, критики, раслојувајќи парче по парче, на обичен начин раскажува приказна дека „наместо момчињата да нурнат во водите за да најдат бисери, тие нурнуваат во водите за да си го спасат животот“.
Прекрасната музика е напишана од продуцентот, музичарот Клајв Лангер, а посебна атмосфера на целата песна ѝ дава осамениот тажен звук на трубата на еден од најголемите бели трубачи Чет Бејкер.