Експлозијата што се случува еднаш во животот во системот Т коронае борелис ќе се појави како нова ѕвезда што силно ќе засвети на ноќното небо, пред да избледи и да исчезне повторно во следните 80 години. Не е лесно да се предвиди кога ќе се случи настанот, но се смета дека тоа би можело да се случи во кое било време пред септември.
– Небесниот танц меѓу две ѕвезди оддалечени 3.000 светлосни години ќе резултира со експлозија толку сјајна што ќе биде видлива со голо око со денови – објавија астрономите од универзитетот „Нотингем Трент“.
Професорот Даниел Браун објаснува дека овој небесен настан се нарекува „Нова“, кога осветленоста на ѕвездата брзо се зголемува. Според него, не е лесно да се предвиди кога следува тој настан, но верува дека тоа би можело да се случи до септември.
– Ние сме возбудени што ќе видиме т.н. нова ѕвезда на небото – рече Браун, посочувајќи дека Т коронае борелис всушност не е една ѕвезда, туку две ѕвезди што орбитираат една околу друга.
Она што го прави овој пар толку извонреден е тоа што одвреме-навреме ја зголемува својата светлина толку многу што станува лесно видлива за нас. Помасивната ѕвезда во парот е бело џуџе, во обем колку нашата Земја, кое може да има иста маса како и нашето Сонце. Придружникот во тој пар е стар црвен џин, кој се шири и го депонира својот материјал на белото џуџе.
– Приближно на секои 80 години белото џуџе собира доволно материјал за да се запали во термонуклеарна експлозија и во голема мера да ја засили својата светлина. Сега е време за уште една таква експлозија, чија светлина, едвај видлива со телескоп на темното небо, ќе се зголеми колку онаа на ѕвездите во системот Плаг и ќе биде видлива за голо око дури и на загадено небо. „Нова“ ќе стане видлива во близината на соѕвездието Херкулес – вели Браун.
Астрономите објаснуваат дека оваа „Нова“ во суштина е како водородна бомба.