„Вечните хемикалии“ се наоѓаат во почвата, воздухот, подземните и надземните води, а во капките дожд ги има многу повеќе од дозволеното
Можеби се сеќавате дека игравте на дожд како дете и ја наведнувавте устата за да ја почувствувате свежината на капките дожд. Никогаш повеќе не треба да го правите тоа. Имено, дождовницата што се собира за време на врнежите и подоцна се користи како вода за пиење повеќе не е безбедна никаде на планетата. Ова е заклучокот од студијата на научниците објавена неодамна во списанието „Енвајрментал сајенс енд технолоџи“.
Дождовницата, која со векови се користела во периоди на суша како вода за пиење, денес содржи перфлуороалкилни и полифлуороалкилни супстанции (ПФАС), пластични честички, кои, со оглед на децениската употреба на пластиката низ светот, сега се насекаде околу нас. Хемикалиите од споменатите супстанции овозможуваат пластиката да биде отпорна на распаѓање при употреба и по фрлање во отпад. Поголемиот дел од хемикалиите од групата ПФАС лесно се транспортираат и патуваат на долги растојанија од изворот на ослободување, а поради тоа што не се распаѓаат ги нарекуваат и „вечни хемикалии“. Тие се создаваат исклучиво во процеси што ги вршат луѓето, а најчесто може да се најдат во разни бои, премази, производи за заштита на површини од нечистотија, како и средства за полирање.
Овие неуништливи пластични честички се наоѓаат во подземните и површинските води, на земјата и во воздухот, а најновото истражување на научниците од Универзитетот во Стокхолм покажа дека можат да се најдат опасни хемикалии во дождовницата и во снегот насекаде низ светот. Тие се откриени дури и во области што се сметаа за незагадени, како што се планинските врвови на Тибет и замрзнатите пространства на Антарктикот.
Споменатите хемикалии можат да бидат причина за многу сериозни болести, а во неодамна објавената студија беа презентирани податоци дека сѐ почесто ги има во водата и почвата низ планетата. Затоа, заклучено е дека никаде во светот дождовницата повеќе не е безбедна за пиење, односно дека нејзината потрошувачка како вода за пиење може сериозно да го загрози здравјето.
– Иако дождовницата вообичаено не се пие во индустријализираните земји, многу луѓе низ светот очекуваат да биде безбедна за пиење и да обезбеди извор на вода за пиење – вели водачот на истражувањето, Иан Казинс.
Студијата исто така покажа дека нивото на штетните ПФАС-групи во атмосферата не се намалува. Тие остануваат таму и циркулираат во природата, од атмосферата влегуваат во водата и океаните, а потоа се враќаат во атмосферата преку аеросоли. Отстранувањето на овие соединенија од природната средина е многу скапо, а научниците велат дека овој трошок треба да го сносат оние што профитирале од генерирањето на овие хемикалии: поточно производителите што ги „пуштиле“ во природата.