Фото: Пиксабеј

Популарната стриминг-апликација се гаси

Една од најпознатите стриминг-апликации во Америка – Хулу – е на пат да влезе во историјата. „Дизни“, кој сега е целосно сопственик на платформата, објави дека ќе ја затвори апликацијата до 2026 година и ќе ја премести целата своја содржина во апликацијата Дизни плус. Планот за целосна интеграција на услугата Хулу во Дизни плус го потврдија извршниот директор Боб Игер и финансискиот директор Хјуз Џонстон во најновиот извештај за заработката. Новата унифицирана апликација Дизни плус (која ќе го вклучува и Хулу) ќе биде лансирана следната година. Работата на подобрување на технологијата веќе започна. Апликацијата ќе добие голем број нови функции, вклучувајќи поперсонализирана почетна страница и дополнителни опции. Исто така, беше објавено дека посебна услуга за стриминг на ЕСПН ќе пристигне на 21 август. Портпаролот на компанијата изјави дека корисниците сè уште ќе можат да купуваат посебни претплати, сепак нагласи дека обединетата апликација ќе обезбеди „подобро корисничко искуство“, што треба да ги намали откажувањата и да ги задржи корисниците. Бидејќи обете платформи ќе работат на иста техничка основа, се очекуваат заштеди на трошоци.

Одлуката за спојување на Хулу и Дизни плус доаѓа откако Дизни го заврши купувањето на една третина од Хулу од Комкаст во јуни, станувајќи 100-процентен сопственик. Иако Комкаст бараше 13 милијарди долари за својот удел, независна банка процени во арбитража дека реалната вредност е девет милијарди долари.
– Со создавање единствена понуда за стриминг, им нудиме на корисниците поголем избор, удобност, квалитет и подобрена персонализација. Ова ќе ни овозможи да имаме поголем ангажман на корисниците, пониска стапка на откажување на претплати, повисоки приходи од рекламирање и оперативна ефикасност што ќе можеме да ги реинвестираме во бизнисот – вели Игер.
Конечно, „Дизни“ објави дека, по примерот на Нетфликс, повеќе нема да го објавува бројот на претплатници на своите стриминг-услуги.