Фото: Пиксабеј

Депресијата може да придонесе за губење на меморијата и обратно, заборавањето во подоцните години може да влијае на психичката состојба, открија научниците што следеле речиси 8.200 Британци во текот на две децении. Научниците открија дека линеарната промена во депресивните симптоми придонела за забрзано губење на меморијата кај испитаниците постари од 50 години. Нивната просечна возраст била 64 години.

Но депресијата не само што влијае на меморијата туку и обратното е точно, заклучија научниците во студијата објавена од Американското медицинско здружение.
– Побрзата промена во меморијата е исто така реципрочно поврзана со побрза промена на симптомите на депресија со текот на времето – велат американските и британските научници.

Тимот вклучува научници и лекари од Универзитетскиот колеџ во Лондон, Медицинскиот центар на Универзитетот во Рочестер и Медицинскиот факултет во Сасекс.
– Психолошкото расположение и меморијата се суштински поврзани – објаснуваат научниците, истакнувајќи дека иако когнитивната дисфункција претходно била поврзана со депресијата „насоката на таа врска“ не е јасна – велат научниците.

Учесниците во студијата биле прегледувани секоја втора година од 2002 до 2019 година, со тестови за меморија и вербална изостреност и процени на симптомите на депресија, кои се спроведувале од Центарот за епидемиолошки студии.