Додека на сите меридијани одекна веста дека неповторливиот синеаст замина во Бесмртноста на Филмското небо, се сеќавам на моето детство во Скопје, кога го гледав во нашиот фамилијарен дом во Аеродром, неговиот култен филм „Човекот Слон“ и низ солзи се молев за трагичната судбина на Херојот: Оставете да живее независно што е различен од другите, спасете го!
Подоцна со нашата преселба во Париз и бројните презентации на неговите филмови кои влегуваат во антологијата на светската кинематографија, сватив дека естетиката на Линч беше толку мистериозна, што тој всушност беше олицетворение на една од најголемите авторски одисеи чија што суштина и таинственост нашите очи нема никогаш до крај да ја откријат!
Благодарение на мојата близина со Жан Клод Кариер, кој беше основач на познатата филмска академија ФЕМИС во Париз и беше носител на главната улога во македонско-францускиот филм „Тајната книга“, го слушав неговото предавање во кое ја цитираше сеуште необјавената Автобиографија „Ловејќи големи риби“, Идеите се како риби. Ако сакаш да фатиш мали риби остануваш во плитките води, но, ако сакаш да фатиш голема риба, мораш да одиш во недофатните драбочини.Таму во недофатните длабочини рибите се најмоќни и најчисти. Таму се крие монументалната убавина што се претвора во чиста апстракција!
Можеби тука е клучот на откритието на Дејвид Линч и неговиот филм Ерејсерхед кого Стенли Кјубрик го прогласува за монументално ремек дело, или Твин Пикс со музиката на Анџело Бадaламенти, остануваат на врвот на Светскиот филмски незаборав.
Никогаш и никој во светот нема да ја заборави последната улога, во која Линч се појави како актер во филмот на Стивен Спилберг, каде тој го толкува ликот на Форд, кој му ја растајнува на Спилберг вистината за вечно непознатата загатка на филмската уметност!
Обиколувајќи ги големите студија на Холивуд во костим во кого никој не го препознава, неговата последна реплика е легендарната реценица: "Ајде сега истреби се, да те нема одовде! Се сеќавам како да беше вчера пред студентите на ФЕМИС во Париз, тој зборуваше дека сака да постигне единство меѓу филмот, сликарството и музиката и дека само со едена поетска визија може да стигне до секој предел на земјата, но дека смртниот човек не може физички да го оствари тој сон.
Една таква епизода е поврзана и со Македонија, во која неговата продукција во
реализацијата на филмот „Психотерапист“ и предлага на тогашната филмска критчарка и историчар на уметноста Марија Пијанманов да ја толкува улогата на Катарзина! За жал поради ред објективни и историски околности тој чин не се оствари!
Денес кога на многу јазици на светот се пишуваат чудесни збогувања со Дејвид Линч, забележлив е еден редок феномен кој го пишуваме на македонски јазик: Дејвид Линч е симбол и на американскиот,но и на авторскиот филм со кого се идентификуваат младите синеасти и од најсиромашните земји на светот, бидејќи како што забележува еден од врвните француски интелектуалци, Фабрис Далмеида во неговата книга „Историја на пропагандата“ од Универзитетот Пантеон Асас и Доктор Хонорис Кауза на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Линч никогаш не го прифати теророт на холивудската индустрија како машинерија на Тиранијата на моќта која ја разорува човечката надеж!
Врвовите на недостижното во филмовите на Линч се сега богатство на меморијата на светската култура и Линч е дел од интернационалното духовно наследство, токму во трансцеденталноста која се поврзува од Куросава во Јапонија, до Киаростами во Иран, од Бергман во Скандинавија, до Тарковски во Русија.
Последните слики од неговиот земен живот ги гледаме сите ние: Ја напушта куќата во која што живееше во Лос Анџелес, додека беснеат невидени пожари во митскиот филмски град и додека го преселуваат од куќата, тој се претвора во исто време и во проектор и во објектив и во композитор и во сликар кој се вика Вечниот оган на Окованиот Прометеј со името на Дејвид Линч!