СПОРЕД АМЕРИКАНСКА СТУДИЈА
Многу семејства веруваат дека религијата игра клучна улога во моралниот развој на детето, но децата на многу религиозни родители не се толку алтруисти како што мислат нивните родители, покажува меѓународната студија објавена во списанието „Карнт бајолџи“. Децата од религиозни семејства имаат помала веројатност да бидат алтруисти од оние што се израснати во нерелигиозни семејства, покажала студијата спроведена од Универзитетот во Чикаго. Растењето во религиозни семејства исто така почесто било поврзано со казнување како одговор на асоцијалното однесување, открија американските научници. Тие анкетирале 1.170 деца на возраст меѓу 5 и 12 години од шест земји: Канада, Кина, Јордан, Јужна Африка, Турција и САД. Истражувањата покажале дека во светот постојат сличности во тоа како влијае религијата на алтруизмот кај децата.
Тим од развојни психолози, предводен од Жан Десити, ги проучувал перцепциите и однесувањето на децата од шест земји и ја оценил намерата на децата да споделуваат – како мерка за нивниот алтруизам и нивната тенденција да ги осудуваат и казнуваат другите за лошото однесување. Резултатите покажале дека децата од религиозни семејства имаат помала тенденција да споделуваат со другите, во споредба со децата од нерелигиозни семејства. Верското воспитување било поврзано и со поголемите тенденции за казнување како одговор на асоцијалното однесување. Резултатите се во спротивност на ставовите на родителите верници, кои верувале дека нивните деца имаат повисоко ниво на емпатија и чувствителност кон потребите на другите.
– Нашите заклучоци се во спротивност со вообичаеното мислење дека децата од религиозните семејства се поголеми алтруисти и пољубезни кон другите. Во нашето истражување, децата од атеистички и нерелигиозни семејства се покажаа како подарежливи – вели Десити, професор по психологија и психијатрија на Универзитетот во Чикаго.
Децата од религиозните семејства исто така биле посклони кон построги казни и построго го оценувале асоцијалното однесување.