Вештачката интелигенција влегува во секојдневната рутина
Извршниот директор на онлајн платформата за едукација „Курсера“, Џеф Маџонкалда, рече дека кога првпат го пробал ЧетГПТ, бил „вчудовиден“. Сега тоа е дел од неговата секојдневна рутина. Тој ја користи новата моќна алатка за разговор со вештачка интелигенција за испраќање е-пошта, како и за изработување говори во пријателски, оптимистички, авторитативен тон со мешана каденца. Тој дури ја користи за да помогне во одлучувањето за големи стратегиски прашања, како што е како една компанија треба да пристапи со инкорпорирање алатки за вештачка интелигенција како ЧетГПТ во својата платформа.
– Го користам како асистент за пишување и како партнер за размислување – изјави Маџонкалда за Си-ен-ен.
Маџонкалда е еден од многуте бизнис-лидери, политичари и академици што неодамна беа во Давос, Швајцарија, на Светскиот економски форум. На дневен ред беа голем број неодложни прашања што ѝ тежат на глобалната економија, од енергетската криза до војната во Украина и промените во трговијата, но темата што им привлече најголемо внимание на многумина беше ЧетГПТ.
Алатката, која компанијата за истражување на вештачката интелигенција „Опен АИ“ ѝ ја стави на располагање на пошироката јавност кон крајот на минатата година, предизвика контроверзии за тоа како услугите за „генеративна вештачка интелигенција“, кои можат да ги претворат прашањата во оригинални есеи, приказни, песни и слики откако ќе пристапат до огромни збирки податоци на интернет, можат радикално да го променат начинот на кој живееме и работиме.
Софтверот го освојува светот на бизнисот
Некои тврдат дека тоа ќе ги остави без работа уметниците, наставниците, програмерите и писателите, дури и новинарите. Други се пооптимисти, претпоставувајќи дека тоа ќе им овозможи на вработените подобро да ги извршуваат своите обврски или да се фокусираат на задачи на повисоко ниво.
Кристијан Ланг, извршен директор на дигиталниот синџир на снабдување „Трејтшифт“, рече дека е воодушевен од можностите што ги нуди ЧетГПТ, дури и по долгогодишна изложеност на информации во Силициумската Долина.
Тој исто така ја користел платформата за пишување е-пошта и тврди дека никој не ја забележал разликата. Тој дури и ја натерал да работи сметководство, услуга за која „Трејтшифт“ моментално плаќа скапа фирма за професионални услуги.
До денес ЧетГПТ во голема мера се третира како забава и предвесник на нештата што доаѓаат. Тој се потпира на јазичниот модел ГПТ-3.5 на „Опен АИ“, кој е веќе застарен; понапредната верзија ГПТ-4 е во изработка и би можела да биде објавена оваа година.
Многуте критичари истакнуваат дека тој греши, болно е неутрален и покажува очигледен недостиг од човечка емпатија. Една технолошка публикација на вести, на пример, беше принудена да објави неколку значајни корекции на статија напишана од ЧетГПТ. И државните училишта во Њујорк им забранија на учениците и наставниците да го користат. Сепак, софтверот или слични програми од конкурентите наскоро би можеле да го освојат светот на бизнисот.
Учењето станува поинтерактивно за студентите
„Мајкрософт“, инвеститор во „Опен АИ“, објави дека алатките на компанијата, вклучувајќи ги ГПТ-3.5, програмскиот асистент Кодекс и генераторот на слики ДАЛЛ-Е 2 сега се општо достапни за клиентите на претпријатијата во пакет наречен „Азур опен АИ сервис“. ЧетГПТ ќе биде додаден наскоро.
– Ги гледам овие технологии како копилот, помагајќи им на луѓето да направат повеќе со помалку – рече извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела.
Слично размислува и Маџонкалда. Тој сака да ја интегрира генеративната вештачка интелигенција во понудите на „Курсера“ оваа година, гледајќи можност да го направи учењето поинтерактивно за студентите што немаат пристап до настава во училница лично или еден на еден со експерти за предметот.
Тој признава дека треба да се решат предизвиците, како што се спречување на мамењето и обезбедување точност. Тој е загрижен дека зголемената употреба на генеративната вештачка интелигенција можеби не е целосно добра за општеството, дека луѓето може да станат помалку агилни мислители.
– Секој што нема да го користи ова наскоро ќе се најде во тешка позиција. Размислувам само за моите когнитивни способности со оваа алатка. Во споредба со порано, мојата ефикасност и продуктивност се многу повисоки – вели Маџонкалда, пренесува Си-ен-ен.