Фото: Марио Шарески

„Свети Георги Победоносец“ е црква во селото Блаце во околината на градот Скопје. Храмот се наоѓа во густа листопадна шума, североисточно од селото, а до него води асфалтен пат, кој се двои од самиот почеток на селото Блаце. За историјата на оваа црква е забележано дека таа е изградена на темели на постара црква, која повеќепати била споменувана во средновековни записи и прикази за цркви и за манастири

Знаменитостите на Македонија

Изградбата на црквата датира од 16 или 17 век, а самата црква изобилува со прекрасен живопис, икони и иконостас што сведочат за нејзината старост. Внатре во црквата постои камен со латински натпис, кој најверојатно потекнува од блиските антички римски населби Бадеријана или Тауресиум. Во внатрешноста постојат и повеќе стари икони, меѓу кои е и иконата на патрониот светец Св. Георги како ја убива ламјата, подарена и изработена во 1866 година, од иконописец од блиското село Летевци.
Влезот на црквата е приземен и низок, а над него стои фреска на Свети Георгиј Победоносец со натпис на старословенски за дарителите и градителите на црквата. Околу градбата на црквата се доградувани ѕидови, со што е добиен простор за трпезарија, во кој стојат масите на кои се дава ручек за патрониот празник Ѓурѓовден и другите црковни собори и прослави. Во кругот на црквата се и селските гробишта. Д.Ст.


Бадеријана

Бадеријана е древен антички и средновековен (римски и византиски) град – тврдина чии остатоци и урнатини од ѕидините се наоѓаат во наоѓалиштето Дрма, во непосредната близина на селото Бадар, на 25 (до 28) километри оддалеченост југоисточно од градот Скопје. Овој древен град е претпоставеното родно место на византискиот цар Јустин Први, вујко и претходник на познатиот византиски цар Јустинијан Први (483-565). Во пишаните историски документи тврдината Бадеријана се среќава во раниот среден век во византиско време. Како утврден град под името Бадеријана постоел уште во раниот среден век во римско и византиско време, за што како потврда постојат два записа. Утврдената населба Бадеријана се споменува како родно место на византискиот цар Јустин Први, кој бил роднина – вујко на познатиот цар Јустинијан Први и владеел непосредно пред него од 518 до 527 година. Следното споменување од тоа време е од записот на познатиот византиски историчар Прокопиј Кесариски од 6 век, кој во својот ракопис за биографијата на Јустинијан Први запишал дека тој се родил во местото Тауресиум во близината на кастелот наречен Бадеријана.


Тауресиум

Тауресиум е древен антички и средновековен (римски и византиски) град чии остатоци и урнатини од ѕидините се наоѓаат во наоѓалиштето Градиште над селото Таор, пред влезот во Таорската Клисура, а на 20 километри оддалеченост југоисточно од градот Скопје. Овој древен град е претпоставеното родно место на познатиот византиски цар Јустинијан Први, што научно сè повеќе се потврдува во поново време. Местоположбата на наоѓалиштето Градиште – с. Таор се наоѓа на 20 км југоисточно од Скопје. За првпат е откриен пред повеќе од сто години од англискиот патописец Артур Еванс, кој на местото на античкиот град Скупи го препознал сè уште изгубениот град Јустинијана Прима, а во селото Таор – родното место на царот Јустинијан Први, Тауресиум.