Св. Никола Чудотворец / Фото: Марио Шаревски

Црквата, како и нејзиниот ктитор, властелинот Влатко, со неговиот татко кнезот Пасхач се спомнуваат во една повелба издадена на 25 март 1358 година, со која им било одобрено црквата да ја приложат на светогорскиот манастир Хиландар. Врз основа на оваа повелба, како и од зачуваните портрети на фрескоживописот на јужниот ѕид во црквата може да се заклучи дека севастократорот Влатко и неговиот татко кнезот Паскач се ктитори на црквата. Најверојатно, од името на кнезот Пасхач потекнува и името на селото Псача. Над западната влезна врата во црквата некогаш постоел натпис за кој се претпоставува дека бил уништен во 1876 година поради тоа што во него се спомнувале кралевите Урош и Волкашин

Знаменитостите на Македонија

На три километри од магистралниот пат што води од Куманово до Крива Паланка, високо над самото село Псача, во живописната дабова и багремова шума на подножјето на Осогово е сместена црквата посветена на Свети Никола Чудотворец. До црквата води асфалтиран пат, кој се одвојува десно од магистралниот пат веднаш по мостот на Крива Река на влезот на селото Псача. Пред манастирот има убава ливада со неколку доста стари дабови дрвја од каде што се пружа прекрасна панорамска глетка на котлината и полето Славиште. Во дворот на самата црква се наоѓаат стари селски гробишта.
Историските податоци се оскудни, но се смета дека е изградена во 1354 година. Црквата, како и нејзиниот ктитор, властелинот Влатко, со неговиот татко кнезот Пасхач се споменуваат во една повелба издадена на 25 март 1358 година, со која им било одобрено црквата да ја приложат на светогорскиот манастир Хиландар. Врз основа на оваа повелба, како и од зачуваните портрети на фрескоживописот на јужниот ѕид во црквата може да се заклучи дека севастократорот Влатко и неговиот татко кнезот Паскач се ктитори на црквата. Најверојатно, од името на кнезот Пасхач потекнува и името на селото Псача. Над западната влезна врата во црквата некогаш постоел натпис за кој се претпоставува дека бил уништен во 1876 година поради тоа што во него се спомнувале кралевите Урош и Волкашин. Портретите на овие владетели се претставени на северниот ѕид, но натписите што се наоѓале до нив исто така биле уништени.

Псача Фото – Petrovskyz

Црквата е ѕидана од приделкани блокови, камен песочник и хоризонтални редови тули. Во основата има облик на впишан крст во правоаголен простор. Над централниот дел на наосот имало купола, која подоцна се урнала. Куполата изградена над просторот на припратата е зачувана и таа лежи врз квадратна основа, која се опира на два квадратни столба и на два ѕидни пиластра. Олтарната апсида од надворешната страна е тристрана. Сите фасади се богато профилирани и украсени со шари изведени во керамопластика.
Во внатрешноста на црквата е зачуван фрескоживопис со високи ликовни вредности. Имињата на зографите не се познати, но насликаните портрети на семејството на ктиторите, третирани со голема доза реалност, покажуваат дека непознатиот зограф спаѓал во редот на талентираните и реномирани творци. Колоритот со нијанси на сино, бело и црвено ги покажува големата умешност и знаење на непознатиот псачки зограф. Покрај крупниот портрет на семејството на ктиторот на кој се прикажани кнезот Пасхач, кнегињата Озра, севастократорот Влатко, неговата сопруга Владислава и синот Стефан, зачувани се и неколку значајни композиции меѓу кои Успението на Пресвета Богородица, сцени од животот на Свети Никола, Богородица со Христа и др. Д.Ст.


Псача

Селото Псача се наоѓа на левиот брег на Крива Река, во северното подножје на Осоговските Планини. Атарот зафаќа површина од 12,4 км2 и има околу 500 жители. Сместено е на јужниот раб на котлината и етнографската област Славиште, Кривопаланечко. Од општинското средиште Ранковце е оддалечено осум километри. По својот тип спаѓа во групата на ридско-планински села и најголем дел од куќите се сместени околу магистралниот пат, но има и маала од разбиен тип расфрлани околу селото на поголема далечина. Името на селото Псача најверојатно доаѓа и потекнува од името на кнезот Пасхач или Паскач, кој заедно со својот син – севастократот Влатко, во повелба од 1358 година се запишани и се јавуваат како ктитори на старата манастирска црква „Свети Никола“, која и денес постои над самото село, како дел од Псачкиот манастир. Од името на кнезот Пасхач, кое доаѓа од името на хебрејскиот збор и празник Пасха, кој во денешно време во рускиот јазик се користи за празникот Велигден, со текот на времето името на селото најверојатно се изменило од Пасхача во денешниот облик Псача.