Фото: Пиксабеј

Секоја пролет за време на сезоната на сакура (цвет од цреша), храмовите Нина-џи и Даикаку-џи во Укјо во Кјото се преплавени со автобуси полни со туристи, кои одат да ги фотографираат црешовите дрвја во храмовите. Но тие не знаат дека само неколку километри подалеку се наоѓа тајна градина со сакура.
Оваа јавна парцела од 1,5 хектар, позната како градината на семејството Сано, е оаза на мир; се наоѓа недалеку од скромна улица во близината на традиционални дрвени градски куќи. Но тоа не е обична шума со цветови од цреша; тоа е исто така и дом на 97-годишниот Тоемон Сано: најпознатиот сакурамори (чувар на цветови од цреша) во Јапонија.
Повеќе од еден милениум Јапонците се восхитуваат на нежните ливчиња од сакура како симбол на минливост и убавина. Денес ова национално хоби прерасна во меѓународна опсесија, со милиони туристи од целиот свет што се собираат во Јапонија за да пијат сезонски пијалаци од „Старбакс“ со тема на сакура и да учествуваат во пикници и фестивали од ханами (гледање цветови од цреша) од март до мај. Но додека светот возбудено чека цвеќињата со боја на шеќерна волна да расцветаат секоја пролет, една од најважните и најмалку разбрани улоги во одржувањето на дрвјата лежи кај нивните старатели зад сцената.
Според Наоко Абе, експерт за цветови од цреша и автор на „Опседнати со сакура“,во Јапонија од памтивек постојат вешти одгледувачи на сакура. Но, благодарение на популарноста на романот од 1970-тите „Сакурамори“, за експерт за дрвја вљубен во сакура, заедниците почнаа да ја доделуваат титулата на заслужни експерти во годините што следуваа. Како што објасни Асада Нобујуки, генерален секретар на Јапонското здружение за сакура, денес во Јапонија има околу 100 сакурамори, но едно се издвојува. Може да се каже дека Тоемон Сано е најзаслужен за титулата сакурамори. Саноа е 16-та генерација во истакната линија на земјоделци што почнале да ја обработуваат блиската земја (позната по своите доцноцветни џуџести црешови дрвја) во средината на 17 век. Кога неговиот татко починал во 1981 година, тој го зел името Тоемон, следејќи ја семејната традиција, и го презел управувањето со Уето Зоен, компанијата за уредување пејзажи што неговото семејство ја основало во 1832 година со седиште во градината.
Повеќе од 80 години Сано го користи своето специјализирано знаење за управување со опстанокот на дрвјата сакура во градините низ Јапонија и светот – вклучувајќи ја и јапонската градина дизајнирана од Исаму Ногучи во седиштето на УНЕСКО во Париз.