Фото: Зевлеан Икариус

Фестивалот не прерасна во мејнстрим, туку го носеше она во што веруваше, таа таканаречена дериватна култура или контракултура

Поминаа 25 години од првото издание на „Таксират“, кое се одржуваше скромно во тогашниот дом на млади „25 Мај“, Скопскиот саем, „Метрополис арена“, до годинашното во салата „Борис Трајковски“. Низ него продефилираа неверојатни ликови што ја трасираа светската, европската, балканската и македонската музичка сцена. Почнувајќи од Дарко Рундек, „КУД идијоти“, „Забрањено пушење“, Рамбо Амадеус, „Хладно пиво“, „Јанг Гадс“, „Стренглерс“, „Креатор“, „Дисциплина кичме“, „Иги и Стуџис“, Ману Чао, Кирил Џајковски, „Дубиоза колектив“, Жан Мишел Жар, „Архангел“… Ретко кој фестивал кај нас, па и пошироко, може да се пофали со вакво портфолио зад себе. Фестивалот не прерасна во мејнстрим, туку го носеше она во што веруваше, таа таканаречена дериватна култура или контракултура. Беа потребни време, трпение, пари за да се поминат сите премрежиња, за на крајот сепак да исплива над сите.
Годинашниот роденденски фестивал повторно изобилуваше со квалитетни, претежно балкански имиња. Имаше три сцени и десет изведувачи, прекрасна организација, сѐ беше на свое место, навремено, без инциденти. На главната сцена настапија македонските металци „Смт“, кои имаат верна публика што секаде ги следи. Тоа беше солидно отсвирен настап за загревање на фестивалот. Во исто време во малата сала настап имаше Смоук Мардељано, а веднаш потоа српската раперка Мими Мерцедез, во едно од своите најдобри изданија. На главната сцена излегоа легендите од Риека, „Лет 3“. И тука веќе почна вистинската журка, зборуваме за, во моментов, една од најинтересните панк, постпанк, рок-групи на нашите простори.

Тие 35 години заедничко свирење и се почувствуваа во сигурноста со која свиреа, но и во начинот на комуницирање со публиката. Ете ги на бина во нивните препознатливи костими, за во еден момент да останат само по долна облека, свирејќи жестоко, точно и прецизно. Публиката уживаше, особено во нивните „Мама Шч“, „Ријечке пичке“ и „1, 2, 3, 4 изгубени“. Веднаш по нив на истата сцена излегоа „Страјк“, ЛД Пистолеро и диџеј Гоце. Познати за нивната верна публика. На програмата беше и српскиот алтернативен бенд „Сарс“, интересен спој на реге, ска, панк, рок. Се наполни големата сала, свиреше и електротехно-асид дуото „Асид араб“. „Сарс“ не залудно важи за едно од најголемите имиња на балканската сцена. Потоа на сцената излезе „Дубиоза колектив“, а салата уште повеќе се наполни. Во исто време во малата сала настапи Бен Стедфорд со својата специфична мешавина од рап, ска, хипхоп. „Дубиоза“ понуди мешавина од реге, ска, панк, рок, електроника. Има нешто волшебно кај нив што не ти дава да останеш мирен. Кирил Џајковски настапи во два часот по полноќ со електронските звуци проткаени со балкански мотиви, малку ска, малку реге, малку ромска музика, македонски мотиви, рап и сето тоа спакувано од маестро Џајковски. Публиката беше во електротранс. Околу 3 часот по полноќ си заминувам полн со позитивна енергија. Честит 25-ти роденден „Таксират“!

Љупчо Давчев