Британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила ја прославија 19-годишнината од бракот, а нивната врска трае од 1970-тите години. Се верува дека тогаш принцот Чарлс и ќерката на воениот офицер, Камила Шанд, се сретнале првпат на поло-натпревар во Лондон во 1970 година, а набргу потоа почнале врска, која траела додека Чарлс не заминал да служи во морнарицата. Камила се омажила за својот прв сопруг, капетанот на британската армија, Ендрју Паркер Боулс, а Чарлс дипломирал на универзитетот „Кембриџ“.
Се сметало дека Камила не е соодветна за престолонаследник бидејќи имала минато, односно љубовни врски пред да го запознае Чарлс. Чарлс потоа почнал да се забавува со лејди Дијана Спенсер, која подоцна изјавила дека Камила, и покрај тоа што е мажена за својот прв сопруг, била третата личност во бракот на кралската двојка. За ова има и звучна снимка од аферата „Тампонгејт“, која е снимена шест години пред разводот на Камила и Паркер Боулс, на која се слуша како Чарлс и Камила разменуваат нежности. Снимката првпат била објавена во 1993 година, една година по разводот на Чарлс и Дијана.
Поранешниот прес-секретар на кралицата Елизабета Втора, Чарлс Енсон, тврди дека тогашната врска на Чарлс и Камила била нешто со што морало да се постапува деликатно.
– Чарлс секогаш беше иницијатор на нивната врска. Таа беше среќна што живее на село, со своите деца и ќе беше задоволна ако останеше негова љубовница. Но за Чарлс немаше сомнеж за тоа, тој мораше да ја има – вели Енсон.
Распадот на бракот на Чарлс и Дијана некогаш беше една од главните вести, а набргу по нејзината смрт, Чарлс и Камила почнаа постепено да се појавуваат заедно сè повеќе и повеќе во јавноста. Кралицата Елизабета не присуствуваше на свадбената церемонија, но присуствуваше на приемот во замокот „Виндзор“ бидејќи, наводно, постоела загриженост дека толпата ќе фрла јајца кон зградата во која се одржала венчавката. Камила, наводно, поради почит кон Дијана, ја зела титулата војвотка од Корнвол, а не принцеза од Велс.
Енсон ја опишува нивната врска како „основа на британската монархија“.
– Тие се поддржуваат еден со друг. Нивното опкружување е мошне тешко за секого, но кралот и кралицата споделуваат добра смисла за хумор, делат добро и лошо – рече Енсон.
Тој вели дека кралицата Камила има стоички карактер, особено откога се соочила со дијагнозата на кралот дека боледува од рак.