Фото: Игор Бансколиев

Се верува дека за најрано спомнување или востановување на Божиќ се смета кога папата Либериј во 354 година го празнувал во Рим. Според други истражувачи, Божиќ за првпат е празнуван во Константинопол (денес Истанбул), каде што бил востановен од Св. Григориј Богослов

Занимливости

Според христијанското традиција, како Бадник се именува денот пред раѓањето на Исус Христос. Македонската православна црква – Охридска архиепископија се раководи според јулијанскиот календар, оттука Бадник секогаш е на 6 јануари, а Божиќ на 7 јануари. Традиционално, Бадник се прославува од сите христијани, но оние цркви што го користат грегоријанскиот календар го одбележуваат на 24 декември. Се верува дека зборот Бадник потекнува од старословенски збор – да бидеш буден. Македонскиот преродбеник Кузман Шапкарев запишал дека „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“.
Истражувачите и историчарите веруваат дека во минатото, уште пред појавата на христијанството, овој ден бил поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткодневица. Денот имал симболично значење дека новото Сонце претставува раѓање и обнова на животниот циклус. Се претпоставува дека подоцна христијаните го прифатиле денот и симболично го поврзале со раѓањето на Исус Христос. Кога христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Августин објаснил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето.“
Според македонската традиција, Бадник се прославува во семејството со богата трпеза исклучиво со посна храна – сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Според обичаите, по вечерата трпезата не се крева, туку така заедно со храната треба да остане цела ноќ. Во Македонија, според традицијата, Бадник е поврзан со обредниот оган како и со горењето дрво. Во минатото, а и денес, во македонските селата и градови во помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокнуваат.
Според традицијата, рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци. Една од најпознатите песни што и денес се пее е „Коледе леде“. Таа е запишана од страна на Г. Бојаџиев и објавена во 1893 година и гласи:: „Коледе, леде! паднало греде, утепало деде. Дедо се мачи, баба го квачи, со четири јајца гускини, паткини! О. О. коледе!“. На овој начин, децата го најавуваат големиот христијански празник Божиќ.
Меѓу дванаесетте големи христијански празници Божиќ се празнува најсвечено. На овој ден се празнува раѓањето на Господ Исус Христос, второто лице од Светата Троица.
Истражувачите велат дека во првите три века од појавата на христијанството, денот на Христовото раѓање не бил познат. Подоцна кога христијанската црква настојувала да се одбере датум за одбележување на Христовото раѓање се одлучила за денот што бил поврзан со празнувањето на денот на младото сонце, односно 25 декември по грегоријанскиот или 7 јануари по јулијанскиот календар. Се верува дека Божиќ можеби и порано се празнувал, а за најрано спомнување или востановување се смета кога папата Либериј во 354 година го празнувал во Рим. Според други истражувачи, Божиќ за првпат бил празнуван во Константинопол (денес Истанбул), каде што бил востановен од Св. Григориј Богослов.
За Божиќ е поврзана поговорката „пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си“, со симболика дека за време на големиот празник треба да се биде во кругот на фамилијата и тука да се слушне веста за раѓањето на Исус Христос. Според македонската православна традиција, на Божиќ се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин се приготвува богата трпеза, на која речиси е задолжително свинското месо.
Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена. Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик. Во некои македонски краеви на овие празници луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св. Стефан. Од Божиќ почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сѐ до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.