Непријатно пецкање, грчеви во нозете, болки во нозете под коленото при одморање… Ви звучи познато? Чувството на болки во нозете при мирување може да биде предизвикано од мускулна контракција или грчеви, кои обично се појавуваат ноќе, кога се подготвувате за спиење. Постојат неколку можни причини зошто болката во нозете се јавува при мирување, но специфичната причина сè уште не е целосно позната и може да биде индивидуална.
Освен грчеви, може да се појават и пецкање и грчење на нозете при мирување. Најчеста причина за трпнење во нозете при мирување е слабата циркулација по долго седење или стоење во место. Чувството на пецкање во нозете се појавува и како симптом на иритација на ‘рбетните нерви или во случај на хернија на дискот. Болката во нозете при мирување може да биде предизвикана и од болести на вените.
Третманот зависи од причината за болката
Една од најчестите причини за болки во нозете се вкочанетост или мускулни грчеви. Болките во нозете при мирување често се појавуваат во мускулите на долниот дел од ногата, потколеницата и глуждот. Вкочанетоста или мускулните грчеви не мора да укажуваат на здравствен проблем, но најчесто се појавуваат поради една од следниве причини: дехидрација на телото, недостиг од електролити, лоша состојба, мускулен замор од прекумерна активност и од вежбање по долг период на одмор.
Грчевите во нозете често се јавуваат кај спортистите, но не е невообичаено да се појават кај луѓе од сите генерации и пол бидејќи причината за болката често е дехидрација. Стеснувањето на артериите што ги снабдуваат нозете со крв може да предизвика чувство на грчеви како по вежбање. Стеснувањето се јавува поради недоволно количество течност во телото или дехидрација. Недостиг од електролити, калциум, калиум и магнезиум може да предизвика грчеви во нозете, поради што се препорачува овие состојки да се заменат со храна и додатоци во исхраната.
Слични симптоми предизвикуваат и диуретиците што го намалуваат нивото на споменатите минерали. Причина за грчеви може да биде и притисокот врз нервите во ‘рбетот, но во тој случај болката во нозете се намалува при одморање, а се зголемува при одење.
Синдром на немирни нозе
Чувството на непријатност, болка или пецкање во нозете пред спиење или по активен ден често се појавува кај постарите луѓе и жените, но околу 10 отсто од популацијата страда од тоа чувство. Синдромот на немирни нозе предизвикува болка во нозете при мирување, но таа болка може да се појави и на други делови од телото. Ноќните грчеви може да се појават и како последица на анксиозност и депресија.
Со овој синдром се јавуваат силно чувство и желба за движење на нозете како да е потребна поголема активност. Симптомите се интензивираат со подолг одмор, па може да се појават и за време на спиењето, што буди многу пациенти и им го отежнува нормалното спиење. Болката што ја чувствуваат пациентите не се наоѓа на кожата, туку почесто се опишува како болка во коските или мускулите. Освен чувството на потреба да ги движите нозете, други симптоми на синдромот на немирни нозе се: мускулна напнатост, горење во нозете, трпнење, болка и грчење.
Синдромот на немирни нозе може да намали со движење, одење или фокусирање на други активности. Сепак, често бара третман, кој главно се фокусира на лекување други болести, како што се проблеми со тироидната жлезда или ревматоиден артритис. Третманот зависи од специфичната причина. Можни причини се: притисок врз нервите во ‘рбетот, алкохолизам, бременост, бубрежна инсуфициенција, хипотироидизам или слаба функција на тироидната жлезда, дијабетес, мигрена или други невролошки проблеми.
Притисок на ‘рбетните нерви
Притисокот врз нервите во ‘рбетот може да предизвика болка во нозете при мирување, која зрачи низ целата нога. Тоа е остра болка на едната страна од ногата што може да предизвика грчеви во околниот мускул. Во случај на нервен притисок се создава ненадејно чувство на болка и вкочанетост. Оваа болка се намалува со одредени движења, а се зголемува со одење. Оваа состојба треба да се третира со терапии, вежби, па дури и со лекови.
Прекумерното консумирање алкохол исто така предизвикува промени во централниот нервен систем. Еден од симптомите на повлекување по пиење алкохол може да биде треперење на рацете и нозете во мирување, дури и треперење на целото тело. Апстиненцијата може да предизвика и чувство на болка во нозете при мирување, грчеви и тремор.
За време на бременоста, пак, поради зголемен притисок на нозете, може да дојде до стагнација на крв во вените, што може да предизвика болка. Циркулаторните нарушувања во бременоста се предизвикани од зголемен волумен на крв, склоност да се акумулира течност, а поради влијанието на хормоните може да ослабат ѕидовите на вените. Тоа може да создаде проширени вени, кои може да бидат болни. Покрај тоа, како резултат на дејството на хормонот релаксин, се зголемува еластичноста на лигаментите и зглобовите во текот на бременоста.