Песната ја опишува неостварената љубов на тетовецот Аце кон убавицата Благуња, родум од гостиварското село Пожаране
„Благуњо дејче, пожаранче“ е македонска староградска песна од почетокот на 20 век во која се говори за неостварената љубов на младиот Аце Абаџијата кон познатата убавица Благуна Ѓолова, наречена пожаранка, која била родум од гостиварското село Пожаране.
Благуња е родена на 11 април 1889 година во селото Пожаране и била трето дете на Никола Ѓолов, поранешен печалбар во Влашко. Таа имала двајца браќа, Захарија и Александар. И двајцата биле многу надарени и паметни деца, па татко им ги пратил на школување. Захарија учел во Москва, а Александар во гимназија во Цариград, а од таму заминал во Париз на „Сорбона“, каде што студирал право. По завршувањето на студиите, од Кралството Србија бил упатен на дипломатска работа во Франција, Швајцарија, Австрија и во Турција.
Во првите години од 20 век, татко ѝ Никола продал сѐ што имал во Пожаране и купил куќа во Тетово, во Горна Чаршија, на десната страна од реката Пена. Песната за убавата Благуња ја испеале другарите на Аце Aбаџијата, кој безуспешно пратил стројници да ја побараат.
Благуња се омажила за Диме Бошњакoски, 1905 година. Аце умрел млад, а Благуња проживеала 67 години, закопана е во семејна гробница на тетовските градски гробишта.
Песната „Благуњо дејче, пожаранче“ со својата убавина и популарност ги надмина границите на Македонија и е најизведувана тетовска песна воопшто. Таа е и првата тетовска песна снимена на носач на звук, уште во 20-тите години на 20 век на ЛП-плоча ја става хармоникашот Бора Јаниќ-Шапчанин, а во 1942 на својата ЛП-плоча ја става и тогаш најпознатиот југословенски изведувач Едо Љубиќ.
Текст
Благуњо дејче, мори, пожаранче;
Отвори ми џамли пенџер,
Сакам да те видам јас.
Деј гиди, Аце, море аџамијо;
Што да ти отворам пенџер
Кога не те сакам јас?
Благуњо дејче, мори, пожаранче;
Ја подај си руси коси,
Сакам да ги мрсам јас.
Деј гиди, Аце, море аџамијо;
Што да давам руси коси
Кога не те сакам јас?
Благуњо дејче, мори, пожаранче;
Ќе продадам сарај куќа
Само да те земам јас.
Деј гиди, Аце, море аџамијо;
Не продавај сарај куќа,
Тебе не те сакам јас.
Јас си имам друго либе,
Него си го сакам јас.
Пожаране
Селото е сместено во областа Горни Полог, во околината на градот Гостивар. Најпознато е по песната „Благуно дејче“, но и по седиштето на метеоролошката станица наменета за поширокиот Полошки Регион. Во пишувани материјали Пожаране првпат се споменува во 1461 или 1462 година. Но селото е постара населба, поврзана со постоењето на три града, кои од шарпланинските висорамнини на 900 метри надморска висина, се протегале дури до левиот брег на реката Вардар, како соседни на селото Теново. Во вакафот на Мехмед-бег се споменува „пат кој води до пожаранските воденици“ и друг „од Калиште до Пожаране“, пожарански лозја, сообраќајница „од Пожаране до разрушената кула“, пожарански шуми. Некои од пишуваните извори за Пожаране биле зачувани во ваковската џамија „Ќебир Мехмед-Челеби“ во Скопје.
