Работата во хотел е полна со возбудливи моменти и (не)пријатни изненадувања. Ова го потврдува и расправата на социјалната мрежа Редит, каде што хотелските работници откриваат какви сѐ чудни предмети пронашле во собите по заминувањето на гостите. Особено интересно им е на чистачките и на помошниот персонал во Лас Вегас, каде што луѓето редовно доаѓаат за обложување и за други видови забава.
Пари заборавени во сеф
Една од корисничките на Редит, кога работела во хотел на главната улица на овој град, во сеф во една соба пронашла 328.000 американски долари. Оваа огромна сума пари заборавил да си ја земе играч на покер, по една плодна вечер во градот на гревот.
– Тоа дефинитивно е најголемата сума пари што кога било сум ја држела во рацете – напишала таа.
Голема сума пари во хотелска соба пронашол друг вработен, точно 18.000 долари. Всушност парите на рецепција ги донел нов гостин на хотелот, кој во сефот во собата ја нашол неочекуваната добивка.
– Пред него таму престојуваше тукушто венчана двојка, која отпатува на меден месец на Хаваи. Ги ставивме парите во хотелскиот главен сеф и го чекавме нивното јавување. Се разбира, ѕвонеа како луди истата вечер, а јас бев на смена – изјавил вработениот на рецепција.
Немонтиран филм „за возрасни“
Еден вработен на одржување во еден познат хотелски синџир бил повикан во една од собите за да го поправи клима-уредот. Додека бил таму, под креветот нашол мемориска картичка, ја ставил во џеб и заборавил на неа, сѐ додека истата вечер не дошол дома.
– Од љубопитство ја ставив картичката во лаптопот, мислејќи дека содржи професионални датотеки и некои здодевни податоци. Бев изненаден кога пронајдов немонтирана порносцена, која не ги прикажува само главните актери туку и целата снимателска екипа – изјавил вработениот.
Следниот ден ја предал картичката на местото каде што се чуваат хотелските заборавени работи, доколку некој ја побара.
Хотелските работници на мрежата Редит откриле и дека по заминување на гости во една од собите пронашле стотина живи штурци, сад за мраз наполнет со исечени нокти, светилка наполнета со вода, 15 медицински инјекции, но и албум со фотографии од 1970-тите години.