Во дводневна посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид доаѓаат претставници од Градската библиотека од Нашице, Република Хрватска. Денеска во 11 часот во Прличевата одаја директорките на двете установи Христина Трпеска и Марија Буха ќе потпишат протокол за соработка.
Планирана е соработка во подобрувањето на научните, стручните, образовните, издавачките и културните активности во рамките на спроведувањето на работните програми на двете институции. Формите на соработка во иднина може да бидат: размена на знаења и искуства, размена на публикации и други материјали, заедничко користење човечки и технички ресурси и заедничка организација на научни и стручни програми, проекти од други меѓународни фондови, како и промотивни активности. По потпишувањето на протоколот ќе следува и промоција на книгата „Македонија така далечна, а така блиска“ од авторот Драгољуб Сиљаноски, преку кого се реализира идејата за збратимување на двете библиотеки. Настанот ќе биде поддржан и од Хрватско–македонската заедница во Охрид.
Книгата е печатена со финансиска поддршка на Советот за националните малцинства на Република Хрватска.
Авторот на оваа книга собирал разгледници десетина години и успеал да собере стотина. Сакајќи да ги претстави културата и историјата на својата родна Македонија, одбрал разгледници што донесуваат мотиви од Македонија, а адресирани на лица од Хрватска. Презентираните разгледници покриваат временски период од Првата светска војна до денес и прикажуваат разни мотиви од Македонија. Книгата ќе ја промовираат професорот по историја м-р Михаил Патчев и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар.
Делегацијата од Нашице в сабота, на 21 јуни, ќе се приклучи во уште еден проект на Библиотеката од Охрид – „Слушни го езерото“ во чест на Денот на Охридско Езеро.