Песни што ме тераат да играм
Горан беше еден од оние менаџери од скопските кафулиња од крајот на 80-тите, 90-тите и почетокот на 2000-та што знаеја да соберат познати фаци околу себе. Тој направи прекрасни забави и создаде одредени конекции, но никогаш не се одважи да си отвори свое кафуле. Забавите што тој ги правеше сѐ уште се прераскажуваат, иако се поминати веќе многу години. Единствена мана му беше што не дозволуваше да се пушта југословенска рок-поп музика (особено не од 70-тите, 80-тите и 90-тите години од минатиот век) на неговите забави. Еднаш во 2001 г. случајно типот што пушташе музика на една од забавите што ги правеше Горан пушти две-три песни од „Лаки Пингвини“, „Денис-Денис“, „Видеосекс“. Седев со Горан на маса и ја видов чудната реакција, се стутка, почна да плаче и излета надвор. Отидов да видам што се случи, неговата девојка ми кажа дека не слуша југословенска музика од тој период затоа што го потсеќа на еден прекрасен период што веќе го нема. Тој, всушност, сѐ уште живееше во некое друго време, во некој стар филм каде што сѐ уште е млад и згоден, каде што имаше дружба и сите бевме исто, не можеше да сфати дека таа Југославија и тој период веќе ги нема. Не успеа да созрее, остана длабоко закопан во минатото.
Со текот на времето станавме подобри пријатели, бевме големи фанатици на стрипови и чат–пат ќе се видевме. Некаде во 2020 г. случајно налетувам на Горан, некаде низ Скопјево, а не сме се виделе можеби две години. Ај, да седнеме во некое кафуле, но каде. Во тоа што ни беше најблиску пуштаат цело време југословенска музика, во тоа другото понекогаш пуштаат и отидовме еден километар подалеку во едно кафуле каде што ечеа турбофолк и некоја турска музика, имаа и телевизор каде што се пуштаа и видеоспотови. Седнавме, нарачавме, почнавме муабет и по 15 мин. дечкото што пушташе музика (се знаевме со него одамна) во кафулето одеднаш се обраќа преку микрофонот „А сега една песна за другар ми Љупчо, песната ’Атлантида‘ од Миле Кекин и Бајага. Ете има и спот на телевизорот“. Она што сакав да го избегнам тоа ме погоди. Од толку кафулиња налетав на кафуле каде што музика пушта мој пријател со кого крстосувавме на времето по рок-концерти и со кого заедно го делевме мислењето дека „Хладно пиво“ е најголемата балканска рок-атракција, а Миле Кекин (лидерот) го има најрокерскиот глас. Уште пред да почне песната му велам на Горан да си одиме, но почнаа да течат пивата низ него. Како што почнаа песната и видеоспотот, така на Горан почна фацата да му се изобличува. Па почна да рипа од едно расположение во друго, да не беше Горан немаше да знам дека постојат толку многу типови лоши расположенија. Почна да плаче, па да се смее хистерично, па да игра, да се расправа со гостите и со мене, за на крајот да си скрши самиот пивска флаша од глава, поточно од носот па нагоре. Крв измешана со неколку пива и брзата помош, која дојде многу брзо. На крајот имаше неколку мали шевови на челото, кои веројатно му останаа како спомен кога ќе се погледне во огледало. Песната е нова, некаде 2018-2019 г., но зборува за едни времиња, за една држава што ја нема и која Кекин ја нарекува Атлантида.
Музиката, видеоспотот, аранжманот на „Атлантида“ се врв во творештвото на Кекин. Но текстот, текстот е неверојатен, едноставен, болен, за сите нас од времето на Азра, дури и ја кога го слушам низ телото ми поминуваат трпки, па ме враќаат спомените во некои други времиња. Песната ја напишал Кекин како одговор на тоа што на Бајага му беше забрането да направи веќе закажан концерт во Хрватска, некаде 2017-2018 г. Во текстот, Кекин и Бајага велат дека е време работите да се смират, да се најдеме на пола пат, дека никој не е во право, за да продолжиме сите заедно, затоа што вака сами сме мали и слаби. Текстот вели и дека сето ова што се случува сега на Балканот е „како некој голем Реалити шоу/ Каде што олошот носи значки и се е наопачки/ а она што е сега свето се само лажги/ Ово е за нас апатридите/ без знамиња и химни/ еден на друг сме одраз/ еден на друг крило/ и крунски доказ/ дека стварно не било./ Брате мој од Атлантиде/ гледај какво време иде/ ние од племето Азра/тука сме по казна.“ Миле Кекин е познат по неговите остри интелигентно составени текстови каде што пишува за екологија, социјалните проблеми, за љубовта, каде што ја критикува политиката и не попусто важи за еден од најплодните автори на неверојатната хрватска рок-сцена. Всушност, тој беше ударната сила на неверојатните панкери/постпанкери/рокери „Хладно пиво“ од Загреб, кои повеќе не постојат. Миле е веќе одреден период самостоен кантавтор, каде што спојува рокерски звук во стилот на Брус Спрингстин и Том Пети и тоа што го прави, го прави на феноменален начин.
А другар ми Горан, сѐ уште е истиот, живее во спомени и кога ќе го видам гледам да го заобиколам, затоа што лузните што ги носи на неговото лице се по моја вина.
Автор: Љупчо Давчев