Според новото истражување, особено „подмолната“ форма на турбуленции се влошила поради климатските промени. Станува збор за турбуленција што се формира на небото без облаци и обично е невидлива за радарите на авионите, а се нарекува „чиста воздушна турбуленција“. Меѓутоа, овој проблем ќе станува сѐ поголем како што се загрева планетата, предупредуваат експертите.
Турбуленциите чинат стотици милиони долари годишно
Тешките турбуленции на воздухот (CAT) веќе станаа почести, според истражувањето објавено во списанието „Џиофизикал рисрч летерс“. Стандардната маршрута над Северен Атлантик забележа пораст од 55 отсто во турбуленциите на чист воздух помеѓу 1979 и 2020 година. Додека зголемувањето на турбуленциите беше најизразено над САД и Северен Атлантик, истражувањето исто така покажа значително повеќе турбуленции на популарните маршрути низ Европа, Блискиот Исток, Јужен Атлантик и Источен Пацифик.
– По една деценија истражување, кое покажува дека климатските промени ќе ги зголемат турбуленциите на чист воздух во иднина, сега имаме докази што сугерираат дека ова зголемување веќе започна. Авиокомпаниите треба да почнат да размислуваат како ќе се справат со зголемените турбуленции – рече Пол Вилијамс, коавтор на истражувањето и научник од Универзитетот во Ридинг.
Турбуленциите веќе ги чинат американските авиокомпании стотици милиони долари годишно поради повреди на патници, доцнење на летовите, оштетување и истрошеност на авионите, а секоја дополнителна минута лет во турбулентни услови ги зголемува тие ризици.
За жал, чистите воздушни турбуленции е особено тешко да се избегнат. Радарот на авионите може да ги предупреди пилотите за турбуленциите на блиската бура, но со оглед на тоа дека радарот детектира капки вода во облаците, во суштина е „слеп“ за воздушната турбуленција, која се јавува кога нема облаци на повидок.
Истражувањето се засноваше на атмосферски податоци
– Овој тип на турбуленции е предизвикан од разликите во брзината на ветрот на различни надморски височини, наречени „смолкнување на ветрот“. Млазните текови стануваат сè похаотични, бидејќи емисиите на стакленички гасови од фосилните горива го загреваат најнискиот слој на атмосферата на Земјата, тропосферата. Тој хаос, кој произлегува од зголемувањето на температурната разлика помеѓу тропосферата и стратосферата, го поттикнува порастот на турбуленциите на чист воздух – рече Изабел Смит, метеоролог и докторантка на Универзитетот во Ридинг, која не беше вклучена во истражувањето.
Истражувањето се засноваше на атмосферски податоци собрани во изминатите четири децении, но Смит процени колку турбуленции на чист воздух може да се очекуваат во иднина. Во март таа објави труд во кој се наведува дека CAT се зголемува секоја сезона за 9-14 проценти за секој степен на глобално затоплување. Од индустриската револуција, планетата се загреа за повеќе од еден степен.
Се очекува во текот на летната сезона, кога вообичаено има помали турбуленции, да забележи поголем пораст во однос на зимата, кога вообичаено има најмногу турбуленции. До 2050 година, летата би можеле да бидат „бурни“ како зимите од 1950-тите години. И покрај тоа што го знаела ова, Смит била изненадена кога видела колку турбуленциите на чист воздух веќе се зголемиле од 1979 година.
– Знаевме дека се случува тоа, но шокантно е да се види дека тоа е 55 проценти. Тоа е многу голем процент. Малку е страшно да се видат овие големи бројки – заклучува Смит.