На 25 јануари, сабота, во Крушево ќе биде одбележан 44-от роденден на Тоше Проески. Манифестацијата е насловена по песната „Ангел си ти“, со која Тоше 2004 година настапи на „Евровизија“ во Истанбул, Турција и влезе во финалето.
Ќе има повеќе настани, чиј заеднички иментел се големата почит и љубовта кон балканскиот ангел.
Според програмата овој ден, од 9 до 16 часот во Крушево ќе тече крводарителска акција, чиј организатор е Општинската организација на „Црвен крст“ – Крушево. Местото на настанот е Спомен куќата на Тоше Проески, кој често учествуваше во вакви хуманитарни настани.
– Оваа програма е посветена на сеќавањето на Тоше Проески и неговата хуманитарна и уметничка работа. Со секој настап, со секој тон и со секоја песна, ќе бидеме сведоци на неговото наследство, кое продолжува да живее во срцата на сите нас – велат организаторите.
Во 11.15 часот ќе се положи цвеќе на неговото вечно почивалиште, а точно на пладне ќе започне музичкиот перформанс „Ангел си ти“. Ќе бидат изеведени песни на Проески, но други композиции што го одразуваат неговото влијание и неговото уметничко наследство.
Младата надеж Нела Манческа ќе ја испее песната „За овој свет“, а Дорис Димовска ќе ги исполни народните песни што ги отпеа и Тоше на албумоит „Божилак“ – „Ако одам во Битола“ и „Море сокол пие“. Бендот „Лок даун“, чии членовис еод Прилеп, ќе го слушнеме во песните: „Тајно моја“, „Сонце во твојте руси коси“ и „Излажи ме“.
Веруваме дека настапот на вокалната формација „Оренда“ и на вокалниот состав „Графити“, кои доаѓаат од Бугарија и досега освоиле многу награди на меѓународни фестивали, ќе остави голем впечаток кај присутните. Во нивна изведба ќе ги слушнеме песните „Игри без граници“, „Соба за тага“, „Душа остана“, „По тебе“, „Боже чувај ја од зло“, „Среќна ли си ти“…. и „Ангел си ти“, која, според организаторите, ја симболизира љубов и харизмата на Тоше. Диригент е Аделина Колева, која е признат вокален педагог и уметнички раководител од Горна Орјаховица, Бугарија.
Годинава обожавателите на Проески од целиот Балкан, кои се очекува да дојдат во голем број во Крушево на 25 јануари, создадоа „Ангелска пошта“, едно поштенско сандаче во кое фановите ќе ги оставаат своите писма напишани до Тоше. М.Т.