Планираниот пренослив уред за електронско одвраќање наменет за „борба“ со кинеската и со руската технологија во вселената задоцни за две години, но ќе биде готов до следната година, соопштија американските вселенски сили.
Оружјето наречено „медоулендс“, развиено од компанијата „Л3 харис текнолоџис“, кое веќе требало да биде испорачано, ќе биде подготвено за употреба следната година. Станува збор за ново парче воена опрема, која содржи чинии слични на радар, поставени на приколки на тркала за да бидат што помобилни, пишува „Блумберг“.
Вселенските сили на САД објавија планови за производство до 30 единици, проблемите идентификувани за време на тестирањето се решени, а програмата преминува во последната фаза на интеграција и тестирање. Споменатите проблеми се резултат на неочекувани предизвици и потребни сложени промени на потсклоповите.
Според годишната процена на заканите направена од страна на Канцеларијата на директорот за национално разузнавање, Кина поседува оружје дизајнирано да ги нападне сателитите што им припаѓаат на САД и на нивните сојузници.
Официјалните лица рекоа дека новиот систем за одвраќање нема да создаде вселенски отпад бидејќи емитира енергија дизајнирана да предизвика привремено „реверзибилно“ нарушување на комуникациските сателити.
Наместо 14-те држачи за опрема од претходниот систем, „медоулендс“ има чинии/антени слични на радар, поставени на приколки на тркала со само две потпори, што овозможува полесна инсталација.
Според генерал-мајор Грегори Гањон, заменик-началник за вселенски операции за разузнавање, околу половина од повеќе од 700 сателити во Кина се користат за далечинско набљудување, разузнавање, надзор и извидување.
– Нивната орбитална армада сателити може да нè следат, да нè „чувствуваат“, да нѐ видат и да ги поврзат тие податоци со нивната мрежа, ставајќи ги американските сили на ризик на начин за кој никогаш не сме разбрале или со кој не сме се соочиле досега – заклучи Гањон.