Воздухопловните сили на САД ја објавија првата снимка од летот на својот нов стелт-бомбардер „Б-21 рајдер“, кој сè уште е во фаза на тестирање. Полетувањето и слетувањето се случија во воздухопловната база „Едвардс“ во Калифорнија, која е позната како место каде што воздухопловните сили и американските производители на воени авиони најчесто вршат тестови и пробни летови на нови авиони. Станува збор за стратегиски бомбардер за кој производителот тврди дека е првиот борбен авион од шестата генерација. „Б-21“ треба постепено да ги замени постојните бомбардери „Б-1 лансер“ (во служба речиси 40 години) и „Б-2 спирит“ (во употреба од 1997 година, планирано пензионирање во 2040 година), а потоа и најдолговечниот „боинг Б-52“, кој е во употреба од 1955 година.
Авионот е „невидлив“, односно стелт, бомбардер со долг дострел, со многу издржлива конструкција, способен да испорача комбинација од конвенционално и нуклеарно оружје до целите. Во иднина треба да стане „клучна сила за одвраќање на конфликтите“ на американските воздухопловни сили. Откако копнените тестови и процените за структурниот интегритет на авионот добија позитивни оцени и добија потврда дека „структурата на авионот е здрава“, „Б-21 рајдер“ изврши лет за време на кој помина низ серија маневри за полетување и слетување.
Деталите се доверливи, а планирани се 100 вакви авиони. Во 2021 година, американскиот Конгрес одлучи дека техничките детали и спецификации на авионот, како што се брзината, податоците за различни системи и нивните технологии, димензиите, типот на моторот, проектираното оружје, радарите и сензорите „остануваат класифицирани“ и понатаму. Леталото треба да стапи во употреба во 2027 година. Овие летала ќе бидат стационирани во воздухопловната база „Елсворт“, Јужна Дакота, која ќе стане главна оперативна база на бомбардерот „Б-21“ и центар за обука на пилоти.