Роботот Аурора на „Бостон динамикс“ се тестира за да спречи несакани средби меѓу авионите и дивиот свет – како што се птиците преселници. Владата на Алјаска има нов робот со четири нозе, кој ги држи птиците преселници и другите животни подалеку од пистите на меѓународниот аеродром „Фербенкс“. Роботот куче на „Бостон динамикс“ се вика Аурора, а Одделот за транспорт и јавни капацитети на Алјаска го претстави на Инстаграм, велејќи дека ќе биде тестиран за да ја „засили и подобри безбедноста на аеродромот“ и ќе се обиде да ги спречи опасните средби меѓу авионите и дивиот свет.
Ќе предизвикаме реакција во дивиот свет
Говорејќи пред комитетите за транспорт на Домот на Алјаска и Сенатот на 19 март, шефот за роботика Рајан Марлоу рече дека агенцијата одлучила да ја испроба Аурора откако плановите за прскање репеленти, како сок од грозје од летачки дронови, биле оценети како премногу ризични. Според Марлоу, Аурора ќе започне со работа на почетокот на сезоната на птици преселници оваа есен, патроирајќи секој час во близината на воздушната патека.
Агенцијата исто така ќе тестира како големите животни, како мечки и лос, реагираат на Аурора, а Марлоу забележува дека панелите на роботот може да се заменат за да личат на лисица или којот.
– Единствената цел на ова е да дејствува како предатор и да ни овозможи да предизвикаме реакција во дивиот свет без да мора да користиме други средства – рече Марлоу.
Роботот е несмртоносно, нехемиско средство
Марлоу изјави дека користењето робот (кој е финансиран од федерален грант и обично чини околу 70.000 долари) е подобро од вистинско куче.
– Куче како бордер коли, на пример, бара храна, тренинг, топлина и не собира податоци за нас. Наместо да користиме експлозиви, воздушни спрејови или хемикалии, роботот е несмртоносно, нехемиско средство за спречување на дивиот свет да се движи насекаде – рече Марлоу.
Според базата на податоци на Федералната авијација, минатата година биле пријавени 92 судира на авиони и животни во близината на аеродромите во Алјаска. Тестирањето на Аурора изгледа почудно од другите средства за спречување на дивиот свет, а некои луѓе на Инстаграм се загрижени и за надзорот. Истите четириножни роботи на „Бостон динамикс“ беа тестирани на глобално ниво за различни воени и полициски апликации, а полициската управа на Њујорк беше особено критикувана за користење на роботите во последните неколку години.