Преку моето творештво на слушателот му овозможувам музичко патување, започнато од претходните генерации, а преку нас, оставено на идните, кои ќе го продолжат. Оттаму и идејата за насловот на мојот прв авторски албум „Од колено на колено“, вели Александар Јовевски
Александар Јовевски е врвен инструменталист, автор, аранжер, вљубеник во македонската народна музика од најрана возраст, па се до денес и нејзин промотор во светот. На креативен план последниве неколку години тој се издвои со она што го создава и може да се каже дека ова е негов најплоден креативен период досега. По издавањето на фантастичниот албум, следеше и извонредниот истоимен концерт „Од колено на колено“, соработките со Петар Ренџов, Давид Темелков и голем број други колеги, одличниот концерт „Симбиоза“, на неговата матична куќа „Танец“ и НОБ и секако последниот настап на „Златна бубамара на популарноста“, што никого не го остави рамнодушен.
Дали имате чувство дека го живеете својот сон?
– Да, мојот сонот се остварува. Сите креативни настани чиј дел бев последните неколку години се посебни и автентични, прекрасни, но корените на сето тоа се многу порано, во времето на моите почетоци… Секој период носи нова инспирација, чувства, предизвици, а желбата секогаш не носи напред и ние постојано растеме. Факт е дека последните две години реализирав многу проекти на кои сум потпишан како автор, аранжер, инструменталист, кои публиката и музичките стручњаци ги препознаа.
Кога и каде почнува вашата музичка приказна?
– Најпрво посетував основното музичко училиште, па се запишав во Средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, а подоцна дипломирав на Факултетот за музичка уметност во Скопје, како музички теоретичар и педагог. Покрај изучувањето на класичната музика почнав да ги изучувам народните инструменти, каде што се пронајдов, се заљубив во нив и почуствував дека тоа сум јас и оти ќе пловам највеќе во тие води. Бидејќи тоа е звукот по кој ние Македонците сме препознатливи, кој во себе го содржи нашиот бит, она нашето, исконското, изворното, оригиналното, она по што се разликуваме од другите. Сочувано со векови и до нас стигнато од знајни и незнајни уметници. Преку звукот на кавалот, тамбурата, гајдата, тапанот…, си ја греам душата и му ја пренесувам емоцијата на слушателот. Моето музичко знаење стекнато со изучување на класичната музика, на изворната и на други правци за кои сум се едуцирал, го пренесувам во мојата музика. Оваа искреност публиката ја препознава и ја наградува со многу емоции, позитивна енергија и со громогласни аплаузи.
Соработките во музиката се многу важни. Некои може да придонесат за побрз личен раст, популарност, успех…
– Сите соработки досега за мене беа успешни и во секоја влегувам најпрофесионално. Секоја носи некои нови почетоци, остварувања, но и ги отвора вратитре за нешто ново, што следи. Драго ми е што соработувам со врвни уметници и во мојот авторски проект „Од колено на колено“, но и во сите други. И во иднина посакувам плодни соработки, кои ќе бидат значајни за македонската култура.
Значајно место во вашата кариера заземаат соработките со етно составот „Монистра“ и албумите што ги реализиравте со Елена Андоновска. Кажете ни нешто повеќе за тоа.
– Со етно составот „Монистра“ издадовме два албума од национален интерес, со моја авторска музика, а бев и аранжер на обработките на народните песни и ора, кои ги презентиравме во земјава, но и надвор од неа. Ја ширевме автентичната македонска музика низ светот, што секогаш кај мене предизвикува возвишено чувство. Тука се и албумите на Елена Андоновска: „Кој што ме чуе да пеам“ и „Запеало славеј пиле“, каде се јавувам како аранжер на македонски народни песни, кои Елена ги интерпретира со својот кадифен глас, и истовремено не потсетува од каде потекнуваме и како треба да се презентира македонското традиционално пеење во светот.
Во 2022-та го издадовте вашиот прв самосостоен албум „Од колено на колено“, со кој го привлековте вниманието на јавноста. Задоволни ли сте од одекот?
– Тоа е албум со авторска музика, но и со преработки на веќе подзаборавени македонски народни песни кои токму, преку ваквите проекти ќе продолжат да живеат. Албумот имаше своја концертна промоција лани на 19 септември во Македонската филхармонија. Овој настан ќе го паметам цел мој живот, се случи нешто прекрасно, магично. Публиката беше воодушевена од мојот музички пристап и израз, а тоа ме прави посебно горд, бидејќи преку моето творештво на слушателот му овозможувам музичко патување, започнато од претходните генерации, а преку нас, оставено на идните, кои ќе го продолжат. Оттаму и идејата за насловот на албумот „Од колено на колено“.
Најдовте време да снимате со Петар Ренџов на албумот „Скопски приказни“, но и соработувавте и со Габриела Новевска и со Сузана Спасовска, за што станува збор?
– Да, „Скопски приказни“ е заеднички албум на Александар Јовевски и на Петар Ренџов, кој стилски гравитира кон повеќе музички правци: етно, џез, македонски фолклор…Преку вокалот на Ивана Стојановска прозвучеа прекрасните песни објавени на албумот. Следеше проектот со Габриела Новевска, за чиј албум направив 10 аранжмани во помодерна верзија. Овој ангажман ми беше предизвик, бидејќи работев со одлични музичари. Стилски повеќе бевме ориентирани кон рок и џез, но сепак, изворното не е гибнато, а изведбата на Габриела е совршена. Би ја издвоил и соработката со хрватската група „Афион“, со нив реализирав два албума: „Чудни свати“ и „Три билибили“, а имавме и заеднички концерти низ Европа. Следи проектот насловен „Судбо моја“ на Сузана Спасовска, албум со обработки на 10 македонски вечни песни, чија промоција ќе се случи наскоро.
Се уште се зборува за вашиот настап на неодамнешната „Златна бубамара на популарноста“ со Давид Темелков и со Игор Џамбазов, кои предизвикаа морници кај секој Македонец.
– На „Златна бубамара на популарноста“ мелодијата „Мојата Македонија“ на Давид Темелков, беше прогласена за „етно песна на годината“, а јас се потпишувам како автор на аранжманот. Таа е вонвременска и уште долго ќе се слуша, и драго ми е што веќе има неколку преработки и е широко прифатена. По нашиот заеднички настап се случи нешто што никогаш нема да го заборавам, но и македонската јавност ќе го замапети овој уникатен момент. Тоа е изведбата на песната „Т`га за југ“ на Константин Миладинов, што маестрално ја изрецитира Игор Џамбазов, а јас го придружував свирејќи на кавал. Се чувствував мноу гордо што сум Македонец, и во тие неколку минути, преплавени од емоции, мојата и енергијата на Игор се споија и се случи магија. Публиката го почувствува тоа, а снимката многу брзо стана вирална и ќе остане за сите времиња. Видеото уште струи кај нас, но и низ светот и ги сплотува Македонците, каде и да се.
Неодамна на вашиот профил на Фејсбук прочитав убава порака и тоа од колега, токму за овој настап со Игор Џамбазов, кој гласи: „Александар, твојот извонреден талент и трајни придонеси за културниот пејзаж на Македонија ќе те направат иконска фигура во сферата на етно музиката“.
– Навистина преубави зборови што ми годат и не ме оставаат рамнодушен. Некогаш се прашувам: „Зарем волку многу сум успеал да направам до сега”? Некогаш не сме свесни колку остварени и успешни проекти сме оставиле зад себе, бидејќи секојдневно влегуваме во нови, со нова енергија. Битно е дека оставаме белег во времето во кое живееме, а тоа е мојата најголема желба да оставам зад себе нешто трајно и безвременско.
Вредеше ли толку многу труд за да се стигне до тука?
– Секако дека вредеше. Секој мој отсвирен тон, создадена музика, аранжман е направен со многу љубов, од срце. И не велам дека некогаш било едноставно, бидејќи патот на секој уметник е тежок и трнлив, но мора да се биде упорен, да се верува во себе, да се биде истраен…А потоа доаѓаат и благодетите од секој потрошен час на надградувањето и вложувањето. Сега се чувствувам исполнето, го работам она што го сакам и целите поставени во мојот живот полека, но сигурно, се исполнуваат.
Дали според вас, сите ние, на вистински начин го чуваме нашето музичко наследство, бидејќи за македонскиот народ токму фолклорот е нашиот код за идентитет, за самопочит, но и за городост?
– Мислам дека преработките се вистинскиот начин да го зачуваме македонскиот код, јазик, музика и идентитет. Мора да ги негуваме нашите корени, бидејќи на тој начин ќе ги зачуваме нашите убави песни, ора, традицијата, обичаите, а воедно, тоа е моја мисија. Да ги оживееме и доживееме песните и ората со еден нов помодерен музички звук, но и да внимаваме како ги правиме тие обработки. Јас сум горд на нашата музика, но оставам зад себе и авторска музика, која се надевам идните генерации ќе ја чувствуваат како своја и ќе се обнароди, исто како што јас им оддавам почит на уметници кои ни оставиле непресушно богатство, создавајќи ја македонската изворна музика. Долго сум ја слушал, изучувал и ете имам можност и да ја преработувам и да и дадам нов музички печат, соодветен на времето во кое живееме. Многу често знае некоја стара песна, досега нечуена, силно да ме погоди и да се запрашам: „Зарем е можно вакви песни да имаме? Тоа е вистинско богатство!“ Затоа треба постојано да ги оживуваме подзаборавените македонски народни песни, за да не бидат никогаш заборавени.
Што најмногу ве маѓепсува во нашиот етнос и ја буди креативноста во вас?
– Инструмените што ги свирам ми даваат голема инспирација за музиката што ја создавам, а највеќе кавалот и тамбурата. Но мое вдахнмовение е и самиот живот и сите премрежја што ги нуди, убави и неубави. На тој начин моите чувства ги преточувам во една искрена мелодија.
Вашето семејство за вас е мирна оаза и извор на позитивна енергија. Дали имате наследници кои можеби ќе тргнат по вашите музички патеки?
– Упатувам голема благодарност до моето семејство кое ми го дава мирот, но истовремено е и најголемата поддршка за она што го работам. Најпрво тоа беа моите родители: Бранко и Зорица и сестра ми Александра, кои безрезервно ме поддржуваа и ми пружија се да бидам тоа што сум денеска, а тоа го прават и денес. Секогаш тука за мене е мојата сопруга Светлана, која има можност премиерно да ги чуе моите нови дела, а со моите принцези, ќерките Јована и Ана, ги минувам најскапоцнеите мигови во мојот живот. Тие се мојата најголема инспирација за се што сум постинал во живот. И двете се многу талентирани и цело време се опкружени со музика и со фолклор. Ана има три години и има голем музички талент. Пееме заедно и свириме на пијаното, а постарата Јована веќе трета година свири виолина во основното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и е многу успешна во тоа. Таа, исто така многу го сака фоклорот и е играорка во МКУД „Цветан Димов“, каде уметнички раководител и кореограф е дедо и Бранко Јовевски. Времето ќе покаже дали ќе продолжат по моите или по стапките на мојата сопруга, која е врвен психолог, но и лиценцеиран гешталт психотерапевт. Секако, тоа ќе биде нивна одлука, најважно е дека ќе ја имаат нашата поддршка што и да одлучат.
Пролетта е време на будење на природата, но и на луѓето. Веројатно и кај вас се будат некои нови идеи, планови. Ќе ни откриете ли на што сега работите, кој е вашиот последен предизвик?
– Работам на повеќе проекти истовремено. Минатата недела и беа претставени на јавноста обработки на три познати македонски народни песни: „Кога падна на Пирина“, „Елено ќерко“ и „Налеј налеј“, од албумот насловен „Аманет” на Давид Темелков, каде се јавувам како автор на аранжманите, но и инструменталист на народни инструменти, а свирам и на пијано. Работам на песна за нашата позната пејачка Ребека која наскоро ќе биде промовирана, а напишав и една композиција за неуморната Андријана Јаневска, соработка на која исто така многу се радувам. Следат уште многу настапи, настани, проекти…
Ако треба да наброите пет клучни зборови во вашиот живот, кои би биле тие?
-Упорност, воља, љубов, енергија и почит.