Африканските пингвини се на пат да исчезнат до 2035 година, доколку не се преземат мерки за да се обезбеди нивниот опстанок, велат активистите.
Наводно, популацијата на африканските пингвини драстично се намалила во последните 100 години, пренесува „Гардијан“.
Се смета дека на почетокот на 20 век, веројатно, имало неколку милиони двојки за размножување, додека денес ги има помалку од 11.000, а популацијата и понатаму рапидно се намалува.
Африканските пингвини се на „црвената листа“ на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата.
Научниците велат дека, според сегашните трендови, до 2035 година нема да има доволно двојки за размножување за видот да продолжи да преживува во дивината.
Прекумерниот риболов и промените во животната средина во Индиски Океан доведоа до намалување на популацијата на риби, како што се сардините и инчуните, со кои пингвините главно се хранат. Освен тоа, им се закануваат и болести, бури, поплави и загадување. Африканските пингвини се познати по својот необичен изглед и препознатливиот звук. Тие главно населуваат острови во близината на брегот на Намибија и Јужна Африка, а во 1985 година формираа колонија во предградието Симонстаун во Кејптаун.
Пингвините често го наоѓаат својот пат до градот и може да се видат како се гнездат во градините; тие се кријат под автомобили и минуваат покрај патниците од Кејптаун.
И покрај заканите со кои се соочуваат пингвините, постои надеж за нивниот опстанок.
– Одрекувањето не е опција, па ако рибарството, Владата на Јужна Африка, нафтените и бродските компании, научниците, конзерваторите, меѓународните сојузници и јавноста работат заедно, можеме да го спречиме опаѓањето на бројот на африканските пингвини секоја година – рече Џуди Ман, извршната директорка на стратегиски проекти во фондацијата „Ту оушнс аквариум“.