Американската пејачка Акуа Нару ќе одржи концерт на 6 мај во Скопје, во рамки на фестивалот „Прво, па женско“, кој ќе се одржува во МКЦ од 3 до 6 мај.
Нејзината музика претставува комбинација на хип-хоп, џез и соул. Себеси се опишува како политичка хип-хоп уметница и активистка. Нејзиниот звук го споредуваат со flow-то на Раким, поетиката на Лорин Хил и, конечно, во единствената моќ да говори во име на афроамериканките, со Нина Симон.
Акуа храбро јо комбинира „новата“ и „старата“ школа, бранејќи ги своите ставови со уникатни метафори.
Акуа Нару зад себе има три албуми, „The Journey Aflame“, „Live and Aflame Sessions“, „The Miner’s Canary“, како и ширум светот познатите хитови „Poetry: How Does It Feel?“ и „The world is listening“. Со објавувањето на деби-албумот „…The Journey Aflame“, Нару се позиционираше на музичката сцена како пример на тоа што жените можат да бидат во хип-хоп музиката.
Во својата кариера има настапувано со Тони Ален, тапанарот на Фела Кути, хип-хоп групата „The Lords of The Underground“, со Вакс Тејлор, Анџелик Киџо, „Questlove” од „Д Рутс“ (The Roots) итн.
Концертот е организиран во соработка на фестивалот „Таксират“ и организацијата „Тиииит! Инк“.
Билетите во претпродажба се пуштени од денес.