Јапонско вселенско летало утрово успешно слета на далечен астероид каде што се очекува да собере примероци кои би можеле да ја расветлат еволуцијата на Сончевиот Систем.
Научниците од јапонската агенција за истражување на вселената (ЈАКСА) го набљудуваа слетувањето од контролната соба на јужниот остров Танегашима, пренесува „Гардијан“.
– Слетувањето е успешно – изјави портпаролот на ЈАКСА, Такајуки Томобе.
Од агенцијата соопштија дека сондата, со големина на фрижидер, функционира нормално над астероидот кој е оддалечен на околу 300 милиони километри од Земјата. Ова е второ успешното слетување на вселенско летало на истиот астероид.
Мисијата цели кон тоа да собере недопрени материјали под површината на астероидот со кои ќе се обезбедат информации за тоа каков бил Сончевиот Систем при неговото раѓање пред 4,6 милијарди години. Од агенцијата велат дека ова ќе биде првпат вселенско летало да земе честички под површината на астероид.
Од ЈАКСА претпоставуваат дека примероците можат да содржат органски материи и вода.
– Ова е второ слетување, но да се изведе успешно слетување на вселенско летало е предизвик без разлика на тоа дали е прв или втор пат. Целиот тим ќе даде сѐ од себе за да ја заврши операцијата – изјави Јуичи Суда, менаџер на проектот.
Леталото би требало да се врати на Земјата кон крајот на 2020 година, доколку мисијата се одвива според планот.