Држава: Кина
Провинција: Јунан
Надморска височина: 850 метри
Оваа природна атракција се наоѓа на 850 метри надморска височина, североисточно од Кунминг, главниот град на кинеската провинција Јунан. Причината зошто овој раритет го нема на туристичките карти во Кина се оддалеченоста и недостигот од инфраструктура и капацитети за сместување.
Дури се верува дека до скоро кинеските фотографи ја криеле оваа локација, за да ги имаат само тие овие нестварни слики на атрактивните предели.
За прекрасните нијанси на земјата, заслужни се оксидите на железото и одделни минерали, кои со текот на времето ѝ дале на почвата необична црвено-кафена боја. Секој дел од планините и ридовите е обработен, па се добива една интересна, шарена слика. За жал, ерозијата на земјиштето го доведува во прашање опстанокот на ова чудо на природата.
Атрактивните бои на нивите се поради тоа што на нив се одгледуваат различни култури: компир, овес, маслодајна репа…, односно секое семејство има различни насади. По жетвата земјата се обработува и таа повторно станува целосно црвена.
Црвената земја, која е доста плодна, во ова подрачје прекрива над 100.000 квадратни метри и се смета за единствен феномен во Кина.
Во светот црвена земја има во близината на бразилскиот град Рио де Жанеиро.
Инаку, Донгчуан исто така е познат и како главен град на бакарот уште од древни времиња.