Холивудските ѕвезди Рајан Рејнолдс и Роб Мекелхени ќе бидат новите сопственици на фудбалскиот клуб Рексам, кој во моментов се натпреварува во петтата фудбалска лига на Англија, пренесуваат светските медиуми.
Членовите на здружението на навивачи кое управува со клубот, со 96,2 проценти од нивните гласови го поддржале предлогот двајцата актери да го преземат Рексам. Од над 2.000 членови на здружението кои имаат право на глас, 1.809 од нив гласале за новите сопственици, 26 биле против, а деветмина биле воздржани. Тие им посакале многу среќа во преземањето на клубот и им посакале „да се радуваат на она што го носи иднината“.
– Во зависност од конечниот договор, со потребното одобрување од лигата и Фудбалската асоцијација на Англија, компанијата „Р.Р. Мекрејнолдс“ ќе преземе 100-отстотна контрола над фудбалскиот клуб Рексам – пишува во соопштението.
Рејнолдс и неговиот колега Мекелхени изјавија дека сакаат да го направат Рексам глобална фудбалска сила. Преземањето може да доведе до инвестиција на два милиони фунти (нешто повеќе од 2,2 милиони евра) во клубот, кој е во сопственост на навивачите од 2011 година.
Актерите ја презентираа визијата за клубот пред членовите на одборот на здружението на навивачи, на состанокот одржан преку интернет на 8 ноември, а потоа започнал процесот на гласање, кој завршил во неделата. Рејнолдс и Мекелхени исто така најавија дека имаат намера да присуствуваат на натпреварите во зависност од нивните обврски.
Рексам е фудбалски клуб од северен Велс, основан во 1864 година, кој игра во петтата лига на англискиот фудбал.