Француската полиција отвори случај против група специјализирана за крадење на лего коцки. Поради оперирањето на групата, полицијата испратила предупредувања до продавниците за играчки, како и до родителите чии деца имаат лего-сетови, пренесува „Гардијан“.
Групата крадци, составена од една жена и двајца мажи, е со потекло од Полска, а била фатена во јуни минатата година. За време на истрагата тие признале дека се дел од меѓународна група специјализирана за кражба на лего-сетови наменети за продажба на колекционери.
– Лего заедницата не е составена само од деца. Возрасните ги колекционираат, а често и препродаваат сетовите на Интернет. Добиваме повици од луѓе кои пријавуваат провала во домовите, а крадците се во потрага по лего-сетови – изјавил еден инспектор за весникот „Ле Паризиен“.
Гербен ван Ијкен, специјалист за лего-сетови, вели дека продажбата на француската страница за колекционерство е двојно зголемена од минатата година.
– Инвестирањето во лего-сетови не е ништо ново, а цените се високи за време на пандемијата. Компанијата ги повлекува сетовите две години откако тие ќе излезат, па затоа нивното препродавање за повисока цела е неизбежно – вели Ван Ијкен.
Ван Ијкен објаснува дека сетот „Кафе Корнер“, кој во 2007 година чинел 150 евра, во оригинална кутија достигнал цена од 2.500 евра минатата година.
Кражбата на лего-сетови е глобален феномен. Во САД, Канада и Австралија, пријавени се бројни кражби на лего во изминатите пет години. Во 2005 година, полицијата во Сан Диего, САД, уапси група од жени која поседувала лего коцки во вредност од 200.000 евра.