Нема љубов помеѓу Илон Маск и Марк Закерберг. Ривалството меѓу двајцата милијардери започна во 2016 година, откако ракета на „Спејс екс“ уништи сателит на „Фејсбук“. Оттогаш, тие се впуштија во префрлања, најчесто поврзани со вештачката интелигенција, како и практиките за собирање лични податоци од страна на „Фејсбук“. Последниот удар зададен од Маск беше објавата дека скорешниот насилен упад во Конгресот во Вашингтон е домино-ефект предизвикан од „Фејсбук“, пренесува „Бизнис инсајдер“.
Двајцата милијардери се меѓу најбогатите луѓе на планетата, дури и според стандардите на Силиконската долина. И покрај тоа што и двајцата работат со вештачка интелигенција и нивните компании во минатото еден период соработуваа, тие не го кријат презирот кој го чувствуваат меѓусебно.
Сѐ започна во септември 2016 година, кога „Спејс екс“ ја тестираше ракетата „Фалкон 9“ на Флорида. Кратко по лансирањето ракетата експлодирала, уништувајќи го сателитот „АМОС-6“, кој требаше да биде лансиран заедно со неа во вселената, и претставуваше прв сателит на „Фејсбук“.
Закерберг јавно ја изрази неговата фрустрација за инцидентот. Две години подоцна, Маск на Твитер објави дека во знак на извинување, тие им понудиле бесплатно лансирање.
Во 2017 година, за време на видео стрим во живо, Закерберг ги откри неговите гледишта во врска со вештачката интелигенција.
– Оптимист сум за можностите на вештачката интелигенција. Сите оние кои се загрижени обично ги предвидуваат сценаријата за крај на светот предизвикани од вештачката интелигенција. Ставовите им се негативни и најчесто неодговорни – изјави Закерберг.
Одговорот на Маск, повторно дојде на Твитер, во рамки на честото повикување на регулација и претпазливост кога станува збор за новите технологии. Згора, Маск го нарече гледиштето на Закерберг „ограничено“.
Во 2018 година, за време на скандалот со „Кембриџ аналитика“, Маск јавно ги избриша страниците на „Спејс екс“ и „Тесла“ од Фејсбук.
Откако еден следбеник на Маск на Твитер го праша дали ќе ја избрише фејсбук- страницата на „Спејс екс“, Маск одговори „не знаев дека таа воопшто постои. Ќе биде избришана“. Друг обожавател истакна дека и „Тесла“ има страница на Фејсбук, а Маск објави дека „во секој случај таа изгледа глупаво“.
По исчезнувањето на страниците од Фејсбук, Маск рече дека тоа не е „политичка изјава“ и дека тој само „ја смета платформата за вознемирувачка“. И во 2020 година, тој продолжи да ги поттикнува луѓето да ја напуштат социјалната платформа.
По немирите во Вашингтон, Маск го искористи Твитер за споделување на хумористична содржина која ги поврзува немирите со „Фејсбук“.
– Ова што го гледаме во Вашингтон е домино-ефект предизвикан од „Фејсбук“ – објави Маск.
Маск исто така ги критикуваше практиките на „Фејсбук“ за споделување податоци, споделувајќи уште едно меме (потсмешлива фотографија – н.з.) за Фејсбук во кое се споменува дека компанијата „Вацап“ наскоро ќе ги принудува корисниците да ги споделуваат своите лични податоци од Фејсбук, а во спротивно, доколку не го сторат тоа до 8 февруари, профилите ќе им бидат трајно избришани.
#WhatsApp updated its #Privacy Policy and Terms of Services, making data-sharing with #Facebook mandatory for all.
IMPORTANT — You must accept it before February 8; otherwise, your account will be DELETED.
Details: https://t.co/ghqSUpakUq#infosec #tech
— The Hacker News (@TheHackersNews) January 6, 2021