Унгарија нема да учествува на „Евровизија“ следната година, што ги поттикна шпекулациите оти ваквата одлука е донесена поради политиката на владата на Виктор Орбан која го промовира создавањето на традиционалното семејство и зголемување на наталитетот, пренесува „Гардијан“.
И покрај тоа што не е наведена официјална причина за повлекувањето, одлуката доаѓа во период на засилена хомофобична реторика во Унгарија, каде што премиерот Виктор Орбан води политика според која „семејството е на прво место“, насочена кон создавањето на традиционални семејства и зголемување на наталитетот во земјата.
На почетокот на годината, спикерот на парламентот го спореди усвојувањето на истополови бракови со педофилија, додека провладината телевизија го нарече натпреварот „хомосексуална флота“, наведувајќи дека неучеството на Унгарија ќе биде добро за менталното здравје на населението. На прашање од опозицијата за образложување на ваквата одлука, владата соопшти дека јавните медиуми го донеле овој став без нивно мешање.
Јавните медиуми се цврсто поврзани со владата и помагаат во ширењето на нивните пораки. Претходно, унгарскиот портал „Индекс“ цитираше неименуван извор според кој причината за повлекување од идната Евровизија, е тоа што натпреварувањето станало „претерано и отворено геј“. Портпаролот на Орбан, Золтан Ковач, на Твитер објави дека станува збор за лажна вест, но не наведе која е официјалната причина за повлекувањето.
Хомофобијата од страна на партијата на Орбан е постојано присутна во последно време. Таа дури и бојкотираше реклама на „Кока-Кола“, откако во неа се појави фотографија од хомосексуална двојка.
– Ја поздравувам ваквата одлука што Унгарија нема да учествува во таканаречената „хомосексуална флота“ на Евровизија. Многумина сметаа дека натпреварот е соодветен за малолетната публика, но на сцената се појавуваат транвестити и жени со брада. Тоа не е добро за менталното здравје – изјави Андрас Бенсик, уредник на провладино списание и ТВ-коментатор.
Оваа ситуација е слична и со ставот на пратеник од Русија кој во 2014 година повика земјата да се повлече од натпреварот бидејќи „учеството ќе му противречи на патот за културно и морално обновување на кое се наоѓа Русија“.
Ова не е првпат Украина да се повлече од учеството во натпреварот, но таа редовно учествува од 2011 година досега. Од организаторите велат дека очекуваат Унгарија да го смени своето мислење и повторно да се врати на листата на учесници.