Тојотоми Хидејоши е еден од највпечатливите мажи во јапонската историја. Потекнувал од сиромашно земјоделско семејство, но тоа не го спречило да стане еден од најмоќните луѓе во феудална Јапонија. Својата кариера ја почнал во служба на Ода Нобунага, а по смртта на неговиот господар, ја продолжил војната за обединување на Јапонија. Со лукавство, прагматизам и воени вештини, Хидејоши успеал да ја освои преостанатата половина од Јапонија во временски период од девет гАЗЗЉЗба – на Ода Нобунага му биле потребни триесет години за да покори половина од јапонските кланови. Хидејоши станал владетел на Јапонија и ги стекнал официјалните титулите канцелар и регент. Во 1592 година, организирал воен поход, со намера да ги освои Кореја и Кина.
Хидејоши се истакнувал со мудрост, тактичност и необична способност да ги препознае вистинските намери на луѓето. Честопати успевал своите непријатели, преку дипломатија, да ги преобрази во сојузници и пријатели, како што е примерот со Токугава Иејасу, идниот шогун на Јапонија. Не се одликувал со физичка убавина, па поради тоа ги добил прекарите Малиот Мајмун и Ќелавиот Стаорец.


„Спасителот на светот“ – најскапата уметничка слика

„Спасителот на светот“ е уметничка слика на Леонардо да Винчи, изработена по нарачка на францускиот крал Луј Дванаесетти, во истиот период кога и „Мона Лиза“. Во периодот помеѓу 1763 и 1900 година, на сликата ѝ се губи секаква трага, но во 2005 година е откриена од страна на британски дилери на уметност. Била набавена за 10.000 долари, а следните шест години била истражувана нејзината историја, со што се потврдило дека станува збор за дело на Леонардо. Во 2011 година беше изложена во Националната галерија во Лондон и стана позната како „Изгубениот Леонардо“. Сликата беше купена од страна на саудискиот принц Мохамед бин Саламан за астрономска цена од 450 милиони долари.


Панголин – најзагрозеното животно

Сите четири вида азиски панголин во моментот се наведени како загрозени или пред исчезнување. Ова се должи поради фактот што ова животно е деликатес во Кина и Виетнам, но и поради верувањето дека поседува лековита моќ. Истражувачите исто така предупредуваат дека и четирите африкански вида се наоѓаат во опасност. Панголинот е цицач, чие тело е покриено со лушпи, а најчесто се храни со мравки. Неговите лушпи изобилуваат со кератин, истиот оној кератин што се користи за човековата коса и за кој луѓето плаќаат во фризерските салони. Поради својот изглед и кератинот, панголинот стана најтргуваното животно во светот.


Гете – последниот човек во светот што знаеше сè

Според Ајнштајн, Гете е последниот човек во светот што знаеше сè. Јохан Волфганг фон Гете беше една од клучните фигури на германската литература кон крајот на 18 век. Како автор на „Фауст“ и на „Теорија на боите“, го инспирирал Дарвин за неговата теорија за еволуцијата. Интелектуалното влијание на Гете се чувствува во музиката, поетиката, филозофијата и драмата. Според некои истражувања, Гете е најинтелигентниот човек во историјата, со коефициент на интелигенција помеѓу 210 и 225.

 


„Турчинот“ – машината што играше шах

„Турчинот“, познат и како „Механичкиот Турчин“, беше машина за играње шах. Создадена е кон крајот на 18 век, за разонода на австриската императорка Марија Тереза. Се чинело дека „Турчинот“ може да игра шах со човечки противник, но всушност бил механичка илузија што му овозможувала на човечки шаховски мајстор да се скрие и да управува со машината. „Турчинот“ победил на повеќе натпревари, а меѓу неговите противници биле францускиот војсководец Наполеон Бонапарта и американскиот државник Бенџамин Френклин.


Атлант – титанот што му се спротивстави на богот Зевс

Според грчката митологијата, Атлант (познат и како Атлас) поседувал огромна сила и бил најстар од своите браќа. Тој бил голем познавач на морињата и владетел на митското кралство Атлантида. По потопувањето на Атлантида од страна на Зевс, Атлант заедно со својот брат Менотиј им се придружил на титаните во војната против Зевс.

Но титаните ја изгубиле војната и биле прогонети во Тартарус, а Зевс го осудил Атлант да застане на западниот раб на Гаја (земјата) и за вечност да го држи небото на раменици.