Фејстајм пристигнува на Андроид и Виндоус
Корисниците на оперативните системи Андроид и Виндоус конечно ќе можат да извршуваат повици преку апликацијата Фејстајм. Компанијата „Епл“ најави дека Фејстајм ќе биде достапен на веб, така што корисниците ќе можат да го користат за своите повици од уредите со Андроид, но и од сметачите што користат ОС Виндоус. Услугата на видеоповикот претходно беше достапна само на иОС и на уредите „Мек“.
„Епл“ со овој апдејт го претвора Фејстајм во услуга за видеоповици, слична на Зум, а апликацијата ќе им овозможи на корисниците да го прифатат линкот на договорениот повик и да го споделат со луѓето однапред, за да можат да се приклучат во вистинско време. Освен тоа, најавен е и подобар квалитет на звукот, опција за заматување на подлогата, со таканаречен „портрет мод“, а тука е и опцијата Шер плеј, со која ќе можат да се споделуваат песни, клипови и комплетен екран.
Некои големи брендови најавија дека ќе ја поддржат оваа можност, а меѓу нив се: Дизни плус, Хулу, ХБО Макс, Твич, Епл мјузик и Епл ТВ-плус.
Се очекува дека оваа можност ќе биде достапна со доаѓањето на иОС 15 оваа есен.