Ајфон може да им пречи на медицинските помагала и пејсмејкерите
Производителите честопати даваат препораки за безбедна употреба на нивните уреди околу безжичните или магнетните производи, за да се спречат можни пречки. „Епл“ ги предупредува клиентите дека неговите паметни телефони може да им пречат на медицинските уреди, вклучувајќи ги и пејсмејкерите.
Kомпанијата се надоврзува на претходно објавените безбедносни информации, предупредувајќи ги корисниците дека ајфон содржи магнети и радиостаници што емитуваат електромагнетни полиња и може да им пречат на медицинските помагала, како што се вградените пејсмејкери и дефибрилатори. Соопштението се однесува конкретно на сите четири модели на ајфон 12, како и на додатоците магсејф.
Од компанијата изјавија дека медицинските помагала може да содржат сензори што можат да реагираат на магнети или радиобранови што се наоѓаат во близината и затоа препорачуваат да ги чувате вашиот ајфон и полнач магсејф на безбедно растојание од медицинските помагала, пишува „Си-ен-ен“.
– Консултирајте се со вашиот лекар и производител на медицински помагала за информациите специфични за вашиот медицински уред, како и за тоа дали треба да одржувате безбедно растојание помеѓу вашиот медицински уред и ајфонот, но и која било дополнителна опрема магсејф – стои во соопштението на „Епл“.