Научниците што работат за армијата на САД дизајнираа нов тест за ковид-19 што би можел потенцијално да ги идентификува позитивните на вирусот пред да станат тие заразни. Доколку Агенцијата за лекови и набавка даде дозвола за негова употреба, производството би можело да почне кон средината на мај.
Координаторите на проектот се надеваат дека овој тест ќе може да го открие присуството на вирусот 24 часа по инфекцијата, што е четири дена порано отколку што сегашните тестови можат да го детектираат вирусот.
Како што пишува „Гардијан“, новите тестови би можеле да играат значајна улога во спречувањето на ширењето на вирусот, бидејќи тие го идентификуваат вирусот пред да стане заразеното лице симптоматско и носител на инфекцијата. Тестот потекнува од претходно почнатиот проект на Aгенцијата за напредно истражување во областа на одбраната (ДАРПА), чија цел било брзо дијагностицирање на хемиско труење и зараза во време на војна. По избувнувањето на епидемијата, проектот итно бил пренасочен на тестови за ковид-19.
За околу една недела се очекува исто така одобрување и од Агенцијата за храна и лекови (ФДА) за непосредна употреба на овие тестови.
– Концептот го исполнува дијагностичкиот јаз низ целиот свет и, доколку биде одобрен, може целосно да ја промени „играта“ – вели шефот за биолошка технологија на ДАРПА, докторот Бред Рингејзен.
Доколку тестот е одобрен за производство, во САД би требало да се почне во втората половина на мај, а од ДАРПА велат дека тие се во позиција да му го дистрибуираат тестот на секој што сака да го спроведе и во други земји. Истражувањето покажало дека нивото на точност на овој тест е 95 проценти. Проблемот со постојните тестови за коронавирус е дека тие не можат да ја детектираат инфекцијата на почетокот.