За обожавателите на Тоше Проески во регионот, 5 октомври е важен ден, бидејќи на овој датум пред 12 години нашата најголема музичка ѕвезда го одржа својот последен голем хуманитарен концерт на арената „Филип Втори“ во Скопје, која денес го носи неговото име. Цели десет години на овој ден во центарот во Скопје се организираше „Ѕвездено небо“ и додека на видеобим се емитуваа најголемите негови хитови, луѓето ги потпевнуваа познатите рефрени, а со своите мобилни телефони му правеа ѕвездено небо.
Лани првпат беше прекината традицијата и не се одржа манифестацијата, а споменот на Тоше се славеше на големиот концерт организиран во СРЦ „Борис Трајковски“ по повод излегувањето на албумот „Secret place“, со досега необјавени мелодии. И вечерва нема да блесне ѕвезденото нeбо за Тоше, бидејќи неговите обожаватели од земјава одлучиле дека споменот на него ќе го одржуваат со други најразлични акции.
– Во Благоевград, Бугарија, на 18 октомври, неговите обожаватели ќе посадат црешови дрвја во паркот спроти кафулето „Пијано клуб“, а ќе има трибјут-концерт за Тоше. Инаку, ние обожавателите од Бугарија не сакаме да прекине „Ѕведеното небо“, а сигурна сум ниту неговите поддржувачи од целиот регион. Мислам дека за тоа би требало да одлучи градоначалникот на Скопје и да продолжи оваа традиција – ни рече Оксана Данаилова, членка на фан-клубот на Тоше во Благоевград, Бугарија.
Летово пејачката Александра Јанева одржа неколку трибјут-концерти за Тоше со својот бенд, во Скопје, Струмица и во други градови. И на регионалните музички шоу-програми и натпревари често се пеат песните на Проески, а пред две години во МОБ беше поставен и мјузиклот „Тајно моја“. Во спомен на нашиот ангел, телевизијата Балкан мјузик ТВ на 13 октомври, со почеток во 19.30 часот, емисијата „Седум осмини“ ќе му ја посвети на Тоше.
– Октомвриските „7/8“ се за нашиот Тоше, за неговата младост неостарена. Ни остави песни, ни роди спомени, ни подели љубов, ни замина но остана… и ќе живее. Неговите колеги, другари, пријатели, неговите обожаватели од Балканот ќе поделат со нашата публика сеќавања, песни и заеднички моменти со Тоше. Наши гости се: Маријан Стојановски, негов другар, цимер и колега, Бојан Маривиќ, колега и пријател, Александра Јанева, која лично не го запознала бидејќи била шесто одделение кога починал, но тој е причината заради која почнала да пее и нејзина инспирација, братот по талент Наум Петрески. Со нас ќе бидат и неговите обожаватели Дона од Македонија и Ралица од Бугарија, маратонците, кои и оваа година ќе трчаат на трасата од која Тоше не се врати – ни откри Анита Даева, која по цели пет години на задоволство на телевизиската публика повторно се врати на малите екрани.
Таа додаде дека атмосферата за време на снимањето на емисијата била многу емотивна.
– Имаше и солзи, особено при изведбата на „Тајно моја“, што Александра како да ја извади директно од својата душа. Марјан ни раскажа за животот во интернатот „Мирка Гинова“ во Битола, за моментите кога избегнувале тепачки, не по нивна иницијатива, туку од страна на некои други агресивни момчиња. Како куриозитет тој ни отпеа една песна што никој досега ја не ја слушнал, на која работеле заедно со Тоше, но никогаш не ја снимил- рече Даева.
Инаку, неодамна четворица кавадарчани вторпат ја организираа акцијата „Од срце за Тоше“ и поминаа 1.050 километри со велосипед, во чест на нашата најголема ѕвезда, возејќи од Нова Градишка до Крушево. Деновиве на пат тргнуваат и десетина маратонци, кои традиционално секоја година ја трчаат истата патека и на 16 октомври, на денот на неговото загинување стигнуваат во неговото родно Kрушево, кадe што наскоро ќе почне да се грaди спомен-обележје на неговиот вечен дом на Гумење.