По појавата на коронавирусот, бројот на туристите што обично ги хранат мајмуните драстично се намали на Тајланд, а жителите на градот Лопбури посведочија за беспоштедната борба на гладните мајмуни. Дури и луѓето што навикнале да ги гледаат овие животни по улиците биле шокирани од нивното однесување.
Сасалук Ратаначај била сведок на сцена во која мајмуните се тепаат за храна пред продавницата во која работи.
– Повеќе личеа на диви кучиња отколку на мајмуни. Полудеа по една банана, никогаш не сум ги видела толку агресивни. Очигледно се многу гладни. Тука обично има многу туристи што ги хранат мајмуните, но сега ги нема поради коронавирусот – вели таа.
Лопбури сега е дом на илјадници диви мајмуни што скитаат низ улиците. Многу од нив живеат и во темелите на древните будистички храмови на градот, се наведува во извештајот на „Бангкок пост“.
За да ја ублажат состојбата, сега жителите од овој крај им носат лубеници и домати на гладните мајмуни.
Досега на Тајланд има 60 случаи на болни од коронавирус, со еден смртен исход. Меѓутоа во блиската Кина, каде што почна епидемијата, заразени се над 80.000 лица, а починати се над 3.000, наведува „Дејли мејл“.