Трајче Китановски, еден од малобројните соколари
Скопјани веќе неколку години низ различни локации во главниот град можат да го забележат другарувањето на Трајче Китановски и на неговиот јастреб Хари. Еден од малобројните соколари во Македонија добил желба да се дружи со птиците грабливки пред околу седум години, кога дознал дека неговиот дедо пред 40 години чувал сокол во истиот стан каде што тој живее денес. Тој сега го чува Хари, тригодишен јастреб од видот харисон (американски пустински јастреб), кој го набавил од Хрватска, кога птицата била на тримесечна возраст. Поврзувањето меѓу птиците грабливки и соколарот се одвива преку секојдневни тренинзи, кои се фокусирани на послушноста, експлозивноста, брзината и на ловот.
– Хари го имам речиси три години. Првите мигови кога се видовме, нормално, немавме доверба еден кон друг. Исто како што кај луѓето ви треба време за да стекнете доверба, со птиците грабливки е многу потешко. Но, штом еднаш се стекне доверба, од нив ќе ја имате во текот на целиот живот. Запознавањето е постепено и се одвива низ тренинзите – вели Китановски, кој открива дека нивното запознавање траело дваесет дена, во кои на почетокот единствено тој имал контакт со Хари.
Скопјани за време на нивните прошетки во природа честопати се среќаваат со Китановски и со Хари, па љубопитно приоѓаат со разновидни прашања.
– Луѓето на почетокот реагираа со чудење. Со текот на времето се научивме едни со други, па тоа стана нормално. Честопати, тие доаѓаат да се фотографираме за да имаат спомен, или ме застануваат да прашаат нешто за Хари и птиците грабливки. Ние секогаш сме тука за сите и одговараме на нивните прашања – порача Китановски.
Птиците грабливки имаат примена и за одржување на безбедноста на аеродромите, а нудат и биолошка и еколошка заштита.
– Јас и Хари правиме биолошко чистење и сме редовни гости на земјоделските насади во време кога е берба. На пример, лозарите процентуално имаат 40 отсто загуба од родот што секоја година им ја прават ќосовите, но кога на таа територија има соколар, сите други несакани животни со текот на времето се иселуваат. Ние на најприроден начин ги иселуваме штетниците од тој простор, без да употребуваме разни хемикалии и отрови или оружје – објаснува сопственикот на Хари.
Китановски се залага за поголема популаризација на соколарството поради малиот број соколари во Македонија, кој моментално изнесува едвај 15 луѓе, но истовремено предупредува дека животот на соколарот воопшто не е лесен.
– Соколарството воопшто не е лесна работа и не е хоби. Тоа е начин на живот. Ти го менува сиот живот од корен, а оној што е подготвен на тоа, ќе стане соколар. Не сте соколар ако имате птица и таа постојано ви седи во волиера. Потребни се знаење, умеење, вештина и секојдневно летање и тренирање – појаснува Китановски.
Хари веќе стекна голема популарност во Македонија, преку идејата на Китановски за организирање едукативни соколарски прошетки.
– Едукативните соколарски прошетки се наша автохтона идеја. Во светот веќе постои нешто слично, каде што тие се нарекуваат „соколарски претстави“, а ние се одлучивме да навлеземе малку повеќе во едукацијата, мислејќи дека сето ова би имало повеќе смисла и дека би биле попродуктивни за општеството. Во иднина сакаме да го видоизмениме концептот, да ја споиме едукацијата со претставите и мислам дека визуелно би било многу подобро за гледање. Сето ова е организирано преку „Групер“, што нуди едночасовно едукативно дружење со Хари, а на крајот од дружбата секој присутен добива и можност за кратка фотосесија со птицата – посочи Китановски.
Тој и неговиот тим се во завршна фаза на отворањето на здружение за соколари, кое наедно ќе служи и за заштита на птиците грабливки, што е нивна долгогодишна желба. Тие исто така планираат во иднина да набават уште неколку птици. Китановски посакува да му набави и партнерка на Хари, па и заедно да се радуваат на нови поколенија.